Границите на природното и културното наследство на Охридскиот регион ќе претрпат минимални измени, дознава Ohridnews.
Министерството за животна средина и просторно планирање ја поднесе до Владата информацијата за измените на границите на природното и културното наследство на Охридскиот регион. Имено, меѓуресорската комисија констатирала минимални потреби за измени на границите. Намалувањето е во поголем дел од северната страна каде нема локалитети од културно наследство, а проширување има на јужната страна во опсегот на село Љубаништа каде има археолошки локалитети.
ќе се редефинираат границите на природното и културното наследство на Охрид
Како Министерство за животна средина во соработка со Министерството за култура го спроведовме задолжението за утврдување на границите на природно и културно наследство на Охридскиот регион, што е обврска од Конвенцијата за светско наследство, по што изработената карта со новите дефинирани граници преку Националната Комисија на Унеско ќе се достави до Центарот за Светско наследство во Париз, не информираше, Дејан Паноски-државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Дефинирањето на границите на строго заштитени области и стручните студии ќе бидат основа за изработка на План за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион кој треба да е подготвен до крај на 2009 година, ни изјави Паноски.
Г. Момироски