„Задоволни сме, но се надевавме дека ќе бидат доделени повеќе средства“, вели директорот на Центарот за култура во Охрид, Горан Симоноски, коментирајќи ја висината на издвоените пари од страна на министерството за култура, во рамки на годишната програма, за реализирање на проекти со кои аплицирал центарот на претходно објавениот конкурс.
За потребите на охридскиот Народен театар, на конкурсот од министерството, центарот аплицирал со седум проекти. Од нив одобрени се три. Тоа се претставите: „Сопружници“ во режија на Драгана Танеска, „Изгубени Германци“ според текст на Дејан Дуковски во режија на Сашо Миленковски и претставата „Балкански шпиун“ според текст на Душан Ковачевиќ, а во режија на Љупчо Горгиевски.
Министерството одобрило средства за реализирање на Прличевите беседи, активностите на фолклорното друштво „Бисери“, за Староградските средби. За Балканскиот фестивал на народни песни и игри што се одржува повеќе од 50 години, одобрени се помалку средства и од минатата година.
- Поднесовме приговор и сега очекуваме и се надеваме дека ќе биде прифатен, со цел да може непречено да се реализира фестивалот на кој учествуваат голем број гости од целиот свет, а за кои е неопходно да се обезбеди сместување во текот на деновите од фестивалот, вели директорот Симоноски.
Одбиени се и двата проекти за замена на влезната врата во Центарот за култура, како и дограмата во малата и големата сала со што би се овозможила заштеда на енергија и подобри услови за работа на центарот, особено во зимскиот период.
Решението сега ќе се бара во донации од компании во Охрид, со чија помош досега беа реализирани низа зафати во центарот, чија реконструкција беше ветувана во повеќе наврати и од страна на повеќе политички гарнитури. Како што потенцира Симоноски, освен промена на застарената дограма, во наредниот период, приоритет ќе биде и обновувањето на седиштата во големата сала.
Т.К.