На подрачјето на Охрид изминатата 2024 година биле регистрирани вкупно 466 кривични дела што претставува намалување за 4,1 процент во однос на 2023 година, кога биле евидентирани 486 случени кривични дела.

Во областа на класичниот криминалитет, зголемена е откривачката функција при што, полициските службеници расветлиле 107 кривични дела што е зголемена реализација во однос на расветлени 85 кривични дела во 2023 година. Во делот на недозволената трговија со дрога, во 2024 година биле регистрирани 33 кривични дела (40 во 2023 година). Во областа од јавниот ред и мир, бележиме намалување на стапката на нарушувања на јавниот ред и мир. Во 2024 година во СВР Охрид регистрирани се 223 прекршоци (253 во 2023 година), информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според статистичките податоци на СВР Охрид во 2024 година, посочува Димоски, на подрачјето на Охрид случени биле 264 сообраќајни незгоди што значи намалување во споредба со 2023 година, кога биле случени 285 незгоди.

За жал, бројот на жртви во сообраќајните незгоди, во 2024 е поголем од 2023. Пет жртви има во 2024, додека три во 2023. Против сите сторители на кривични и прекршочни дела, СВР Охрид до Основното јавно обвинителство има поднесено соодветни пријави, вели Димоски.

Покрај ова, во 2024 година, акцент беше ставен и на превентивното полициско работење при што отсекот за превенција со различни целни групи граѓани, пред се со најмладите, реализира 152 (122 во 2023 година) превентивни кампањи и проекти од областа на сообраќајот, сузбивање кражби, борба против дрога, сајбер булинг и нелегална пиротехника со цел, подигнување на свеста и совеста кај граѓаните за опасностите и начините за заштита.

СВР Охрид, посебно внимание посветува на транспарентноста и соработката со медиумите и оттука, од Канцеларијата за односи со јавноста, во текот на 2024 година, до новинарските редакции, испратени се 1889 соопштенија (1592 во 2023 година) одржани се повеќе прес конференции и дадени се повеќе изјави во врска со одредени настани, случени на подрачјето, додава Димоски.

Н.С.Ј.