Во РС Македонија не е воспоставен интегриран систем за управување со пластичниот отпад, поради што активностите кои се преземаат во таа дејност не влијаат на намалување на количеството на создаден пластичен отпад и не обезбедуваат одржлив развој, преку негова преработка. Не се воспоставени функционална селекција и повратен прием на пластичниот отпад, како основни предуслови за негова преработка. Собраната количина пластичен отпад во државата е мала, а истиот најчесто завршува на депониите.
Ова, како што соопштуваат од Државниот завод за ревиија, е заклучокот од извршената ревизија на тема „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали со пластичниот отпад се управува на начин кој овозможува негово намалување и постигнување на поставените цели?“.
Ревизијата е спровведена согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2020 година, а го опфаќа периодот 2017 – 2019 година, иако одредени области, прашања и настани се опфатени пред 2017 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија.
Од Државниот завод за ревизија наведуваат дека во системот за управување со пластичен отпад вклучени се повеќе институции, односно Министерството за животна средина и просторно планирање, – Управата за животна средина, единиците на локална самоуправа, Регионални центри за управување со отпад, јавни претпријатија, правни и физички лица основани за вршење на комунални дејности, индивидуални собирачи на отпад, преработувачи на отпад, правни лица за постапување со отпад од пакување, како и Државниот инспекторат за животна средина и други институции.
Законската регулатива предвидува да се донесат голем број стратешки, плански и програмски документи на централно, локално и регионално ниво, за кои ревизорите констатираа дека дел од нив не се донесени или пак се со изминат рок. Сето тоа, според ревизорите, упатува на недоследности при воспоставувањето интегриран систем за управување со отпад. Исто така, констатира дека иако се отпочнати одредени активности, се уште не е воспоставено регионално управување со отпад со што не се создадени основните услови за превенција од создавање отпад и преработка на истиот.
Податоците од надлежните институции, укажуваат дека од вкупно собраниот отпад во земјата се рециклира помалку од еден отсто. Исто така, не се преземаат иницијативи и активности за повторната употреба на пластичниот отпад. Собраната количина на селектиран пластичен отпад во државата е минимална и претставува околу 1,4 отсто од вкупниот собран отпад во една година и во најголем дел е резултат на преземени дејства од колективните постапувачи и неформалниот сектор (индивидуални собирачи).
Во извештајот се наведува дека колективните постапувачи имаат централно место во системот за управување со пластичен отпад. Тие ги поврзуваат производителите/увозниците кои први пуштаат на пазар производи и пакувања кои на крајот на нивниот животен циклус создаваат отпад којшто ја оптоварува животната средина, со правните и физички лица кои собираат и транспортираат пластичен отпад, а истовремено се должни да обезбедат преработка или отстранување на преземената и собраната количина пластичен отпад.
Се појаснува дека неформалниот сектор за собирање отпад во РСМ претставува социјална група од неколку илјади граѓани, вклучувајќи и деца, кои собираат и вреднуваат делови од отпад преку активности кои не се организирани. Ревизорите констатираат дека во законската регулатива, неформалниот сектор речиси да не е спомнат, освен во делот за нивно евидентирање како вршители на трговија со отпад. Не се разгледани можности за нивно формализирање и организирање преку социјално претпријатие или јавно приватно партнерство, со што би им се обезбедило стабилен приход и легализирање на нивните активности.
Кога станува збор за преземените активности за управување со пластичен отпад, според ревизорите, истите не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден пластичен отпад и не обезбедуваат одржлив развој, преку негова преработка. Дополнително, селекцијата на отпадот не е секојдневна навика и начин на однесување, и постои низок степен на примарна и секундарна селекција на отпад, што пак неповолно се одразува на ефективното и ефикасното постапување со пластичниот отпад.
Како една од причините за ваквиот начин на однесување на граѓаните, стои во извештајот, е и тоа што бројот на поставени садови за селекција на отпад е незначителен во однос на бројот на жители и индексот на создаден отпад што практично упатува на тоа и дека не се создадени услови за селекција. Отсуствуваат и иницијативи и активности за повторна употреба на пластичниот отпад, а и стимулативни мерки за поддршка на преработувачите. Исто така од страна на производителите не се преземени значителни мерки за продолжување на животниот циклус на производите.
Собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад речиси во целост го вршат јавните комунални претпријатија (ЈКП) основани од општините и Град Скопје. Ревизорите утврдиле дека ЈКП не располагаат со доволен број специјални возила кои се користат за собирање и транспортирање отпад од пакување (селектиран отпад).
За воспоставување и функционирање на интегриран систем за управување со отпад, според ривизорите потребно е да се обезбедат стабилни финансиски средства кои ќе овозможат редовен и доволен приход за покривање на трошоците. Финансиските средства остварени врз основа на Годишна програма за инвестирање во животната средина и наплатените надоместоци (управување со отпад од пакување, ќеси за транспорт на стоки и управување со отпад) не овозможуваат одржливост на системот од страна на оние кои го создаваат отпадот, што влијае и врз управувањето со пластичниот отпад и не овозможува доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“.