Пошироката јавност имаше можност да се запознае со фауната на полжави кои живеат во Охридското Езеро, благодарение на проектот „Фауна на полжавите (Gastropoda) од Охридско Езеро“, кој финансиски го помогна Општина Охрид, а го реализира Одделението за фауна на дно при ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид. Во неколку основни училишта во градот беа организирани едукативни предавања, додека на градскиот плоштад беше презентирана фауната на полжавите од Охридско Езеро.

-Главната цел на проектот е зголемување на јавната еколошка свест кај локалното население и учениците од примарното образование за улогата и важноста на фауната на полжавите од Охридско Езеро за одржување на вкупната стабилност на Езерото, како и афирмација на нивната научна важност, нагласениот диверзитет и ендемизам но и нивната еволутивна старост која се совпаѓа и ја отсликува еволуцијата на езерскиот екосистем. – велат од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.

Со реализација на овој Проект локалното население во градот и регионот се информира за богатството на Езерото со видовите полжави кои се едни од најстарите жители на Охридско Езеро и со милиони години живеат во него. 78% од евидентираните гастроподи во Охридското Езеро се ендемични видови, специфични по својата форма, облик, димензии, густина и ареал на распространување. Секој од видовите има посебно место и улога во езерскиот екосистем зацврстувајќи ги синџирите на исхрана но и стабилноста на езерските биоценози.

Во текот на проектот се одржаа теренски активности во кои беа вклучени ученици од основните училишта во Охрид. Целта на теренските и лабараториските активности во рамките на проектот е запознавање на учениците со научно-истражувачката работa и унапредување на научно-истражувачките активности во областа на биологија и екологија, како и внесување на нови содржини и унапредување на образованието по предметите природни науки и биологија, информираат од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид – Одделение за фауна на дно.

OhridNews