Познатиот полски поет Адам Загајевски е добитник на годинашниот Златен венец на 57-мото издание на Струшките вечери на поезијата. Одлуката беше соопштена на денешната прес – конференција во МАНУ од претседателката на Управниот одбор на СВП, проф. Елизабета Шелева.

„ Адам Загајевски е веројатно најпознатото име во светот на поезијата од Полска заедно со она на Часлав Милош, преведуван и објавуван на повеќе јазици и во значајни литературни списанија, истакна министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. „Светот на неговата поезија неизбежно се врзува и со некои наши општествени дилеми, особено со присутноста на минатото во сегашноста  и емотивните состојби на личноста во свет кој е меѓу реалноста и сонот“, рече Алаѓозовски.

Како што истакна министерот, манифестацијата Струшки вечери на поезијата, е една од најзначајните во земјата, која овозможила мостови на соработка, во едни специфични времиња на вечно поделен свет по најразлични основи.

OhridNews