Беше еден меѓу првите фудбалери кој повлече нога и ја напушти првата љубов Вардар за да замине на печалба. По три и пол години минати во полскиот Лех, бранителот Златко Танески со титула си замина од Познањ и се пресели во Белхатов. Очекува со игрите во новиот клуб да се наметне кај селекторот и да биде дел од ЕВРО 2012, кое се игра во „неговата“ Полска. Секој слободен момент го користи да дојде во Охрид и да ужива во убавините на македонскиот бисер.


Танески три и пол години го носеше дресот на Лех, каде што во 44 натпревари постигна еден погодок. Дефанзивецот во наредната сезона, сините бои на Лех ги замени со белите на Белхатов.

– По три и пол години минати во полскиот Лех, ми истече договорот и откако не ги договоривме деталите за понатамошна соработка, се одлучив да ја променам средината. Останав во Полска бидејќи „најлесно“ ми беше да најдам клуб таму, каде што за разлика од други земји ќе требаше да играм тест-средби – истакна Танески.

При престојот во Позњан, Танески имаше успешен настап во последната сезона од УЕФА Евролигата, каде што во осминафиналето беа елиминирани од Удинезе. Во Полска освои три титули, Купот и Суперкупот во 2009 година, а од клубот се раздели со шампионскиот пехар.

– Ми беше жал, но нашиот живот е таков, продолжувам понатаму во еден стабилен прволигаш кој би можел да се избори за настап во европските купови – вели поранешниот играч на Вардар.


Танески (27) очекува по трансферот во централна Полска со прикажаните игри да влезе во тефтерот на селекторот Мирсад Јонуз и да биде дел од младата гарда кој допрва треба да ги замени искусните „волци“ во одбраната.

– Минатиот декември, на мечот што требаше да се игра против Либија требаше да дебитирам, добив покана за настап, но пријателскиот меч се одложи. Потоа следуваше смена на тренерот во Лех не бев во неговите планови, а поради моето неиграње не добив повик. Се надевам дека со добри игри ќе се наметнам кај селекторот, а секако на него останува да одлучи дали ќе ме повика во репрезентацијата – истакна Таневски.

Наредниот континентален собир ќе биде во Полска и во Украина, Полјаците забрзано се подготвуваат за фудбалскиот самит, вели Таневски.

– Разликата кога заминав во Полска пред три години и сега е веднаш воочлива, фудбалот брзо напредува, лигата во моментов е речиси двојно посилна, а досега се направија шест седум нови стадиони. Останатите градови кои не се домаќини на натпреварите од европското го следат тој тренд и ги возобновуваат стадионите – додава тој.


Кога ќе се направи паралела помеѓу македонскиот и полскиот фудбал, нашите млади фудбалери имаат почетна предност која со текот на времето ја губат и се топат во сивилото на македонските прилики.

– Полските млади играчи се за една класа послаби од нашите на таа возраст. Единствено што ги вади е тоа што се физички поподготвени. Мислам дека нашите играчи се поквалитетни, но проблемот е тоа што нашите младинци по завршувањето на тој статус, стагнираат во својот напредок и неретко се откажуваат од фудбалот. Тоа е најболната точка во македонскиот фудбал – вели Таневски.

Во својата кариера, бранителот ги сакал еднаш да се проба во германската Бундеслига, но не би имал ништо против доколку продолжи да печали во Полска.

– Со оглед на тоа што полскиот фудбал оди во нагорна линија, искрено не ни помислувам да си заминам, има доста добри клубови и нема да зажалам ако останам тука. Иако, желба ми е да заиграм во Бундеслигата, каде што се игра најдобриот фудбал во Европа – завршува Таневски.

М.Постоловски