Екипа од 12 кајакари од полскиот клуб „Енергетик“ го одбраа градот Охрид и Охридското езеро за базични подготовки за предизвиците кои им престојат во националниот шампионат и интернационалните турнири ширум светот. Условите во Охрид ги фасцинираа полските кајакари кои тренираат два пати дневно во жестоко темпо.

  • Ние сме тука многу задоволни. Многу е убаво времето, пред се, потопло е од Полска и всушност меѓу другото затоа тука и дојдовме. Бевме тука на регатата во август минатата година, многу ни се допадна тука, Охрид, Македонија, фантастично време, супер луѓе пред се, многу пријателски расположени, многу мило не примија, практично со се сме задоволни тука. – рече тренерот на клубот „Енергетик“, Петар Војчеховски.

Тренерот и полската кајакарска експедиција беа на прием кај в.д. градоначалникот Константин Георгиевски со кои разговарале околу условите и можноста полската федереција да инвестира во нашиот град.

  • Со оглед на природните услови мислам дека полската федерација може да инвестира и да ги подигне техничките услови во Охрид. Прво да се обезбеди место за хангар, после тоа да се изгради во кој ќе бидат сместени сите реквизити за тренинг. Температурната разлика помеѓу Полска и Македонија е голема и сите ние кои се бавиме со спортови на вода имаме големи проблеми околу подготовките. – додаде Војчеховски.

Охридскиот клуб Стрмец е домаќин на полскиот клуб Енергетик. Тренерот на охриѓани Радован Попоски открива како дојде до меѓусебна соработка и разменување на искуства и натпреварувачи.

  • Се запознавме во градот Штум на меѓународна регата. Таму разменивме контакти. Минатата година дојдоа тука и учествуваа на нашата Илинденска регата. Им се допаднаа условите во Охрид затоа сега се тука на зимски подготовки на кајак на мирни води. Наши натпреварувачи беа таму на калење, а овде нашиот репрезентативец Владимир Вејланоски работи со трофејниот кајакар Славек. Нашата соработка треба да биде пример дека водните спортови заслужуваат повеќе поддршка од сите чинители. – рече Попоски.

Полските кајакари ќе се задржат уште неколку денови во Охрид, а потоа ќе се насочат кон натпреварувачките обврски кои ги имаат со клубот.

Мх.П.