Во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“ денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл со дела од Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски.

Диригент на вечерта е маестро Анджеј Косендиак, а како солисти ќе се претстават сопранот АлдонаБартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц и бас/баритонот Јержи Бутрин.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од Анджеј Косендиак, кој во исто време e  и уметнички директор и диригент на овој состав. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè,  е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Како директор на Националниот форум за музика „Витолд Лутославски“, диригент и професор, Анджеј Косендиак се смета за еден од најактивните музичари и промотори во Полска. Покрај останатите ангажмани, значајно е неговото директорско место во Вроцлавската филхармонија и на интернационалниот фестивал „WratislaviaCantans“. Тој е и основач на хорот и машкиот детски хор на Националниот форум за музика, како и на Вроцлавскиот барокен оркестар.

OhridNews