Во земјава годишно се произведуваат по 456 литри вода по глава на жител, од кои околу 45 проценти или 212 литри се испорачува/фактурира на корисници. Домаќинствата во просек трошат по 156 литри вода, што е над просекот од 123 литри во Европа.
Само во главниот град Скопје, каде според последниот Попис 2021 живеат 28 проценти од вкупното население во земјава, дневно се трошат по 500 литри вода по човек или над 100 олимписки базени со вода. Од нив, околу 60 проценти се загуби, а се фактурираат околу 212 литри.
Во Европа највисока просечна потрошувачка имаат домаќинствата во Италија – по 223 литри по човек на ден, а најмала Малта – по 77 литри по човек на ден.
Во светот, регионите во кои луѓето кои „трошат“ помалку од 40 литри вода на ден се сметаат за „сиромашни со вода“.
Во државата се произведуваат по 456 литри вода по глава на жител, во Европа по 248 литри
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година во јавниот водовод биле зафатени и преземени 306 259 илјади м3 вода за снабдување, што е за 2,2 проценти помалку во однос на 2020 година.
Од вкупното зафатено количество вода, најмногу вода е од изворските води – 65,6 отсто, а најмалку од езерата – 0,9 проценти.
Вкупното количество испорачана вода од јавен водовод во 2021 година изнесува 142 267 илјади метри кубни, што е за 1,6 проценти повеќе во однос на претходната година.
Интересно е дека додека вкупно испорачаната/фактурирана вода изнесува 212 литри по глава на жител на ден, вкупно произведена вода во земјава по глава на жител во 2021 година е 456,8 литри на ден.
Според структурата на потрошувачката на вода, најголеми потрошувачи биле домаќинствата, кои потрошиле 67,2 проценти од вкупната испорачана вода од јавен водовод или 95 672 илјади метри кубни вода, што значи дека во просек по член на домаќинство во 2021 година се трошеле по 156 литри вода на ден.
Според начинот на снабдување на домаќинствата во земјава со вода за пиење, статистичките податоци покажуваат дека на јавен водовод се приклучени над 91 процент од домаќинствата, а околу шест проценти користат вода од посебен извор (хидрофор, бунар или улична чешма). Над два процента користат флаширана вода за пиење.
Според извештајот за 2021 година на Европската федерација на национални асоцијации за водни услуги, кои опслужуваат 507 милиони жители во Европа, вкупната произведена вода (тарифирана и неприходовна вода) е 45.9 билиони кубни метри вода или во просек по 248 литри по човек на ден. Од друга страна, наплатената – тарифирана вода изнесува 33,2 билиони кубни метри вода или во просек по 179 литри по човек на ден.
Просечната потрошувачка на домаќинствата во Европа, изнесува 105 м3 годишно или по 124 литри по човек на ден. Највисока имаат Италија – по 223 литри по човек на ден, Шведска – 176 и Франција – 165 литри по човек на ден. Најмала имаат Малта – по 77 литри по човек на ден, Словачка – 79 литри и Бугарија – 84 литри по човек на ден.
Скопје дневно троши по 500 литри вода по жител.
Средната вредност на прифатени загуби во системот или не тарифирана вода во Европа, според извештајот за 2021 година на Европската федерација на национални асоцијации за водни услуги, изнесува 25 проценти. Највисока е во Бугарија – 61 процент, Италија – 41 и Малта – 40 проценти. Најниска е во Германија и Данска – 6 и 8 проценти.
Во Европа околу една третина од територијата е изложена на услови на стрес за вода
Според Европската агенција за животна средина околу 88,2 проценти од свежата вода (за пиење и друга намена) во Европа доаѓа од реки и подземни базени, додека останатите 10,3 проценти од резервоари и 1,5 отсто од езера, што овие извори ги прави особено ранливи на закани од прекумерно искористување, загадување и климатски промени.
Европската агенција за животна средина оценува дека околу една третина од територијата на ЕУ е изложена на услови на стрес за вода, дали привремени или постојани. Земјите како Грција, Португалија и Шпанија веќе се соочуваат со страшни суши за време на летните месеци, но недостигот на вода веќе станува прашање и за северните делови од континентот, вклучително Германија и Британија. Земјоделските средина со интензивни системи на наводнување, острови во јужна Европа кои се популарни за туристите и големите урбани центри се проценува дека ќе бидат најголемите жаришта за недостиг на вода. Недостигот на вода, според Европската агенција за животна средина, се очекува да биде се почест во иднина поради климатските промени.
Од вкупно потрошената вода на ниво на Европа околу 40 проценти отпаѓаат на земјоделството, додека околу 28 отсто на производство на енергија (ладење на нуклеарни или фосилни електроцентрали и за хидроцентрали), рударството и индустријата трошат околу 18 проценти, додека домаќинствата трошат околу 12 отсто од вкупната потрошувачка на вода.
Според Европската агенција за животна средина, домаќинствата, во просек, од вкупната потрошувачка на вода само четири проценти трошат на пиење и јадење, додека најголемиот дел – 40 отсто на хигиена на телото, 30 проценти на тоалет, 13 отсто на перење алишта, седум проценти на миење садови и шест отсто на чистење на домот, автомобилот и градината.
Водата покрива 70 проценти од планетата Земја и лесно е да се помисли дека таа секогаш ќе ја има во изобилство. Сепак, слатката вода – која ја пиеме,се капеме, ги наводнуваме полињата претставува само 3 отсто од светската вода.
Како резултат на тоа, се проценува дека околу 1,1 милијарда луѓе ширум светот немаат пристап до вода, а вкупно 2,7 милијарди дека се соочуваат со недостиг на вода барем еден месец во годината.
Извор: Миа
Александар Атанасов
Фото: Фросина Насковиќ