Половина од  дечињата  кои се запишани во  охридската градинка “Јасна Ристевска” догодина ќе останат незгрижени, доколку Министерството за труд и социјална политика, не им додели решенија за работа, на 26 вработени во оваа установа.
    
Ангажираните воспиувачки, негувателки и технички персонал веќе неколку години работат со договор на дело. Ним не им се уплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Меѓу нив има и такви кои без решение работат повеќе од 7 години. Платите за овие вработени Управата на градинката ги обезбедува преку дотациите за нафта. Месечно, заедно со хранарината и трошоците за пат, тие добиваат по едвај 6.000 денари.
    
Надлежните во Општина Охрид велат дека годинава имале неколку средби со Министерството за труд и социјална политика и повеќе од 10 пати им се обратиле  писмено. Единствениот одговор кој го добиле  од таму е дека во буџетот за  2009 година, поради Светската економска криза  нема пари за нови вработувања.
    
-Комисија од Министерството пред извесен период беше на увид во градинката и утврди дека станува збор за работни места без кои градинката не може нормално да функционира. Најголемата иронија е во тоа што овие работни места не се направени по нова систематизација туку тие се  постоечки работни места чии извршители се пензионирани и треба само да се обноват.-велат од Секторот за образование при Општина Охрид.
    
Тие, нагласува дека доколку на овие вработени во најскоро време не им се обезбедат решенија за работа, локалната самоуправа ќе мора да постапи во согласност со новиот закон за работни односи и ќе треба да ги отпушти ангажираните луѓе од работа. Од друга страна пак, со таквата постапка нормалното функционирање на градинката ќе биде доведено во прашање.

Од управата на градинката се надеваат дека со почетокот на идната година, овој проблем ќе биде решен.

-Проблемот со вработувањата не е  само во Охридската градинка. Со овој проблем,Министертвото за труд и социјална политика се соочува во сите градови во Република Македонија. Во последниот допис кој го добивме од Министертвото, како одговор на нашите барања, наведено е дека, средствата за новите вработувања ќе бидат планирани во Буџетото за 2010 година. Доколку овие ветувања не се остварат, ние како установа догодина ќе се соочиме со голем проблем. – изјави Марина Петроска Тодороска, директор на ЈУДГ “Јасна Ристеска”, Охрид.

ЈУДГ “Јасна Ристеска” ја сочинуваат пет објекти кои во моментов згрижуваат над 600 деца.

Е.Е.