Тинејџерите во градот Слупск во Полска, повеќе не ќе можат да ги шетаат своите кучиња, бидејќи, ако тоа го направат ги очекува казна во висина од 55 евра.
Општината на градот уште во 2005 година изгласала закон со кој за шетање куче, од која било големина, од мала чивава до германска дога, неопходна е иста старост како за возачка дозвола, односно полнолетност.
Полицијата до сега не ги казнувала тинејџерите кои ги шетале своите љубимци, а за законот се дознало кога еден граѓанин неодамна инсистирал да се казни неговата сосетка, мајка на двајца постари тинејџери кои ги шетале своите кучиња.
Тогаш јавноста дознала дека полнолетноста не е услов за шетање само на кучиња, туку и за престој на какво било животно на јавен простор, и дека дете може да биде казнето ако ја изнесе својата мачка или хрчак во дворот од зградата.
Градските одборници признале дека намерите им биле добри, но и оти законот недоволно го формулирале, па поради тоа се подготвуваат да го изменат.