Охридските фудбалски арбитри ќе имаат полни раце работа на терените ширум Македонија во мечевите од Првата лига и националниот Куп.
В сабота на „Тумбе Кафе“ ќе се сретнат екипите на Пелистер и Хоризонт Турново, а првиот меч од 11-та рунда во Првата МФЛ ќе го води Стефче Шулески. Прв асистент во Битола на Шулески, охриѓанецот Жарко Тодоровски, а втор стружанецот Ацо Мацески.
Нешто полесна задача во 11-та рунда ќе има Марјан Ецкоски, кој е делегиран на натпреварот во Штип меѓу Брегалница и Тетекс. На Ецкоски ќе му помагаат битолчаните Васил Клочовски и Панде Атанасов.
Шлагот на тортата ќе го стави Марјан Маркоски, кој од Фудбалската федерација на Македонија ја доби довербата за дуелот меѓу Вардар и Шкендија во осминафиналето од Купот на Македонија.
Тетовски фудбалери по првиот натпревар обезбедија минимална предност 2-1, а се очекува неизвесен меч во реваншот в среда (14:30ч) на „Филип Втори“.
Мх.П.