Со цел подигнување на безбедноста во сообраќајот, СВР Охрид, синоќа и рано утрово, спроведе нова сообраќајна акциска контрола. Притоа, во Охрид, контролирани се вкупно 50 возачи, а кај четири возачи на патнички автомобили, констатирано е присуство на алкохол во крвта.

Тие веднаш се исклучени од сообраќај и одземени им се возачките дозволи. Против нив, полициската станица за безбедност во сообраќајот Охрид, ќе поднесе соодветни пријави. За време на акциската сообраќајна контрола, полициските службеници регистрирале и вкупно шест други прекршоци поради што, издадени се мандатни платни налози. – информира полицијата.

Ноќеска, пак, во 02,45 часот во казино лоцирано на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид, нарушен бил јавниот ред и мир.

Тука, видно под дејство на алкохол, 25 годишно лице од охридското село Лескоец, со рака скршил еден електронски апарат по што физички нападнал работник од обезбедувањето на казиното, кој се обидел да го спречи во понатамошното оштетување на апаратите. Сторителот на нарушувањето е приведен и против него СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава. – соопшти СВР Охрид.

За време на претстојните празнични денови, СВР Охрид најави дека ќе ги интензивира сообраќајните како и останатите контроли на целото подрачје. Целта е подигнување на степенот на сообраќајната безбедност, поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи и зачувување на поволната безбедносна состојба.