Еден нападнат полициски службеник, пронајдени неколку опаковки со бела прашкаста материја и едно лице лишено од слобода е епилогот од синоќешниот претрес во вила лоцирана на улицата „Абас Емин“ во близина на Градскиот пазар во Охрид.

Според информациите од полицијата, полицискиот инспектор бил нападнат кога во една просторија од вилата пронашол неколку опаковки со бела прашкаста материја сокриени во метална шина од преграда направена од гипс-картон.

-Во истиот момент 43-годишниот охриѓанец од Охрид кој стопанисувал со вилата, побарал од полицискиот инспектор да не ги пријавува опаковките. Тоа било одбиено и при обид за продолжување на службените дејствија, сопстевникот со тупаници го удрил полицискиот инспектор во пределот на градите кинејќи му делови од облеката по што се обидел да ги оштети пронајдените опаковки. Тој бил спречен во неговата намера да продолжи со физичкиот напад врз полицискиот инспектор, кој поради влошување на здравствената состојба, подоцна е пренесен во општата болница во Охрид, информираат од МВР.

Во врска со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори и напад врз службено лице при вршење работи од областа на безбедноста, соственикот на вилата е приведен и задржан во СВР Охрид, а потоа и лишен од слобода. Против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Инаку приведениот во моментот на настанот бил на издржување затворска казна во казнено поправната установа-затвор Струга.

OhridNews