Во Полициската станица во Охрид ќе бидат вработени вкупно 20 нови полицијаци. Ова се должи на јавниот оглас кој го објави Министерството за внатрешни работи, за вработување на 600 полицајци.

Според огласот, планирано е вработување и на 15 нови полицајци во Полициските станици во Струга и во Дебар, што значи дека на ниво на СВР Охрид ќе бидат вработени вкупно 50 нови полициски службеници.

Во однос на огласот за прием на полициски службеници, предвидено е најголемиот дел од полицајците да бидат распоредени на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје или вкупно 435 извршители.  

Избраните кандидати ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука, а по завршување на основната обука ќе склучат договори за вработување. Кандидатите за полицајци треба да бидат државјани на Република Македонија; да се полнолетни, а да не наполниле 25 години ако за првпат засноваат работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование; активно да го користат македонскиот јазик; со безбедносна проверка да се утврди дека не постои безбедносен ризик од нивно вработување; да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Во однос на посебните услови се бара висина од најмалку 175 сантиметри за мажи односно 165 сантиметри за жени и висока лична физичка подготвеност.

Исто така Министерството за внатрешни работи објави и оглас за прием на 52 извршители за работа во со високо образование со VII/1 степен или најмалку 240 кредити од соодветната област која се бара. Во рамки на овој оглас во Секторот за внатрешни работи во Охрид во Одделението за заеднички работи ќе бидат примени двајца кандидати, едниот со завршен Правен факултет, а другиот со завршен Економски факултет.

Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија формирана од страна на министерот и истата се спроведува во следните фази: административна селекција; писмено тестирање (стручен тест); психолошко тестирање; интервју; безбедносна проверка и здравствени прегледи. Селекцијата ќе се спроведува по пат на тестирање за нивната стручна оспособеност за делот во кој аплицирале.

OhridNews