Во нападот од страна на засега непознати сторители на припадниците на полициската единица „Алфи“, што се случи вчера околу пладне животот го загуби 39 годишниот полицаец Африм Арифи, а двајца негови колеги се ранети. Едниот од нив (33) се бори за живот на скопската клиника, другиот полициски службеник(37) е вон животна опасност. Тешко повредениот полицаец има повеќе огнострелни рани во вратот, главата, градниот кош и екстремитетите. Врз него синоќа е извршена сложена операција, а неговата здравствена состојба лекарите ја оценија како критична.

Тројцата полициски службеници се припадници на мобилната единица „Алфа”  за борба против уличниот криминал на подрачјето на Полициската станица Гази Баба. Утринава патролирале најпрвин во реонот на населбата Ченто, по што, по булеварот „Александар Македонски” се упатиле кон Природно-математичкиот факултет заради рутинска контрола. Откако завршиле со активностите, при самото тргнување надолу, тие со службено возило марка „Мазда” се разминале со друго возило марка „Фолксваген -Голф 3″ со темна бија и затемнети стакла во кое се превезувале неколку лица. Практично во истиот момент од страна на лицата во Голфот е отворен оган од автоматско оружје кон полициското возило, а нападот траел 50-тина секунди.

-Сите полициски оддели добија наредба да се блокираат граничните премини и да се врши засилена контрола на патиштата, а од страна на службите ќе бидат вршени проверки на сите возила кои одговараат на описот, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Увидни екипи излегоа на терен при што од лице место се подигнати голем број чаури од кои дел завршиле и во зградата на факултетот. Извршени се разговори со студенти кои биле во близина кога се случил нападот, а обезбедени се и снимки од безбедносните камери на факултетот кои дополнително ќе се анализираат, така што се преземаат сите мерки за утврдување на идентитетот и мотивите на сторителите, нивно пронаоѓање и лишување од слобода, информираше Јанкуловска. Таа посочи дека министерството за внатрешни работи нема да потклекне пред заканите на криминалните групи и ќе ја продолжи  борбата против нив, како што топа успешно го правеше во акциите спроведени во изминатите неколку дена.

Ohridnews