И како ни при една друга состојба , сообраќајните незгоди можат да му се случат секому, насекаде и во секое време.
Се смета дека не постои човек кој барем еднаш во својот живот не ќе стане причинител, жртва или сведок на сообраќајна незгода, а за разлика од сите други епидемии на заразни болести никој нема вроден имунитет против сообраќајни незгоди, ниту пак може да биде вакциниран против нив.
Денес, сообраќајните прекршоци на нашите патишта се толку бројни, а и сообраќајните незгоди како последица на тоа, толку чести да со право се констатира дека безбедноста на патниот сообраќај е загрозена до степен што навистина загрижува.
Со право веќе можеме да кажеме дека во ниедна друга област на човековите активности не се чинат толку прекршоци, не се толку многу отстапува од нормите и правилата за поведение, како што е тоа случај во областа на сообраќајот. Голем број од учесниците во сообраќајот, особено возачите, многу често, понекогаш несвесно, а често пати и свесно самите себе се доведуваат во ситуација да постапат спротивно на некоја норма или правило за поведение во сообраќајот, а со тоа веќе да ја доведат во опасност сопствената безбедност или безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, а не ретко и двете истовремено, односно на сообраќајните незгоди секогаш им претходат сообраќајни прекршоци.
Причините за сообраќајните незгоди се многубројни и испреплетени. Тие најчесто меѓусебно се условуваат и надополнуваат, па заеднички придонесуваат за настанувањето на сообраќајната незгода. Многу тешко е да се издвои само една единствена причина за било која сообраќајна незгода.
Доминантноста на субјективниот фактор – учесникот во сообраќајот како причина во настанувањето на сообраќајните незгоди е очигледна, дури и тогаш кога вистинска причина може да му се припише на патот (пр: голомразица, неправилна кривина, ударна дупка и сл.) или на состојбата на моторното возило, се настојува да се пронајде и истакне една (главна) причина за незгодата, а тоа по правило, е субјективниот фактор (учесникот во сообраќајот) – најчесто возачот, се прикажува дека „не го прилагодил движењето на возилото спрема условите и состојбата на патот“.
Така на пример учеството на патот како причина за настанување на сообраќајните незгоди е незначително, па врз основа на тоа би можело да се заклучи дека патот и не е така значаен фактор за безбедност на сообраќајот. Меѓутоа, согледувањата кои се вршени во времето кога поинтензивно се вршеше снимање на одделни „опасни делници” или „црни точки” на патиштата во Република Македонија, бројот на сообраќајните незгоди на тие делници после тоа значително се намалуваа за 20 – 30%. Впрочем, други аргументи и не се потребни, кога е евидентно дека на одредени делници или места на патиштата зачестено се случуваат сообраќајни незгоди. Тоа доволно упатува на заклучок дека тука не се во прашање само недисциплинираните однесувања на возачите, така и одредени „сили” односно „помагачи” кои делуваат до тоа да и неприлагодените однесувања кои не се екстремни, често пати да резултираат со сообраќајна незгода. Слична е состојбата и кога е во прашање исправноста на моторно возило.
Основна дилема која постојано ни се наметнува е: – зашто на нашите патишта е присутен така висок степен на недисциплина и загрозеност на учесниците во патниот сообраќај?
Според бројот на сообраќајните незгоди и настраданите лица, споредено со бројот на жителите, бројот на моторните возила и други параметри, нашата земја се вбројува во редот на сообраќајно загрозени земји.
На ова прашање практично и не е можно да се даде целосен и верефициран одговор.
Пред се, тоа е фактот што ние неверојатно брзо достигнавме таков степен на моторизираност, кој не вбројува меѓу средно развиените земји во сообраќајна смисла во Европа. Меѓутоа, нашиот сообраќај е современ само по однос на бројот, видот и возно-динамичките карактеристики на превозните средства, а не и по однос на другите компоненти кои треба соодветно да го следат.
На нашите патишта се одвива современ сообраќај во несовремени услови, така да расчекорот помеѓу развојот на сообраќајот и на компонентите кои треба да го следат (сообраќајната култура, состојбата на патната мрежа и др.), поизразено продуцира деликвентни однесувања на неговите учесници, од кои поголемиот број можат да резултираат и со загрозување на учесниците, имотот и на други вредности.
За неповолните состојби во областа на безбедноста во патниот сообраќај во значителна мера влијае и тоа што истата не се чувствува подеднакво како заедничка грижа и обврска на сите субјекти во опшеството, дотолку повеќе што токму оваа област на човечките активности е со најизразен опшествен карактер, каде практично секој учесник и субјект може да придонесе истовремено и за загрозување и за подобрување на безбедноста во патниот сообраќај.