Охридската полиција приведе едно лице кое се сомничи дека го извршило убиството над продавачот на девизи Трајче Цоцевски. Во СВР Охрид не соопштуваат детали од истрагата, но не информираа дека во текот на денот ќе изнесат официјален став за случајот. Неофицијално дознаваме дека осомничениот се товари за повеќе убиства и други тешки дела. Истрагата што е во тек треба да утврди дали осомничениот ги сторил делата за кои се товари.
Продавачот на девизи Трајче Цоцевски исчезна во саботата. Три дена подоцна неговото безживотно тело беше пронајдено од случаен минувач во близина на автокампот АС кај Струга. Обдукцијата покажа дека Цоцевски бил убиен со удари од тврд и остар предмет во пределот на телото и главата. Убиството на уличниот продавач на девизи Цоцевски ја вознемири охридската јавност која очекува од полицијата да го расветли не само овој случај, туку и неколкуте други убиства и исчезнувања на улични продавачи на девизи што се случија во изминатите неколку години во Охрид.