Полициската станица во Струга на информативен разговор повикала дваесет и двајца ученици од втора година во гимназијата „Ибрахим Темо“, кои се сомничат дека учествувале во масовната тепачка што вчера околу пладне се случи на околу 300 метри од училиштето.

Во ПС Струга дополнително повикани се уште две лица со цел расветлување на околностите кои што претходеле на тепачката. Разговорите во ПС Струга се обавени во присуство на родителите на учениците, а  полициските службеници преземаат мерки во насока на идентификување на сите учесници  во тепачката, изјави денеска Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Димоски информираше дека во разговорите се добиени конкретни  сознанија за инцидентот и дека во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на ПС Струга.

Она што е приоритетна активност на полициските службеници е лоцирање на причините за овој настан. Се до овој момент јас не би можел децидно да одговорам за какви причини всушност станува збор. Се надевам дека до тој одговор ќе дојдеме набрзо после  денешните разговори кои што ги обавуваат полициските службеницио во Струга, додаде Димоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за присуство на специјални полициски сили во Струга, Димоски појасни дека всушност се работи за распоредување на посебната полициска единица, кое како што рече не е поврзано со вчерачниот инцидент.

– Се работи за присуство на посебната полициска единица на подрачјето на Струга. Инаку таа единица работи според однапред изготвени планови и програми и нивното излегување денеска е во тој контекст. Нема никаква поврзантост. ситуацијата во Струга е сосема нормална, нема апсолутно никаква поврзаност со оваа единица, рече Димоски.

Инаку во масовната тепачка што вчера се случи во близина на старата пожарна во Струга, беа повредени тројца ученици. Двајца од нив полесно, додека еден ученик се здобил со тешки телесни повреди. По укажаната помош во градската болница во Струга, тешко повредениот ученик е пренесен на лекување во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид и се наоѓа надвор од животна опасност.

Ohridnews