Со донесување на единствен подзаконски акт, кој е во фаза на изготвување, ќе се заштитат работните места на полицајците и ќе се утврдат прецизни критериуми според кои тие ќе напредуваат, односно ќе се движат во кариерата.

Со овој подзаконски акт, кој ќе го допрецизира Законот за полиција кој треба да стапи на сила во ноември, ќе се спречи влијанието на политичките партии во креирањето на кадровската политика  во полицијата. Пред се ќе се избегне деградирањето на професионалците кои секои четири години со промената на власта се на удар на политиката.

Ова беше истакнато на меѓународната тркалезна маса “Систем на кариера и управување со човечки ресурски во полицијата“ што во организација а полицискиот синдикат и МВР започна денеска во Охрид.

На средбата учествуваат 30 експерти од полициите на Македонија, Унгарија, Бугарија, Словенија и Хрватска.


да се избегнат политичките чистки-Тихомир Климоски

Како што истакна претседателот на Полицискиот синдикат Тихомир Климоски,  освен министерот и директорите на полицијата кои ќе бидат именувани, движењето во кариерата на професионалните полицајци исклучиво ќе зависи од нивното образование, годишната оценка,  и специјалните обуки со што ќе се избегне субјективниот пристап на претпоставените. Овој таканаречен мерит систем содржи  правила и принципи според кои се креира кадровската политика насекаде во светот, додаде Климоски.

Г. Момироски.