Полицијата ќе биде потолерантна кон странските возачи во претстпојниот период кога поради летните одмори е зголемен бројот на странски возила кои ги користат македонските патишта.

-На полициските службеници кои ги извршуваат задачите во овие организациони единици, се препорачува да бидат максимално толерантни кон странските возачи. Контролите на возилата кои транзитираат да ги сведат на минимум, односно само доколку за тоа постои сериозна причина. При тоа, пожелно е запирањето и задржувањето да траат што е можно покусо. Исто така се препорачува поголема толерантност во однос на помалите сообраќајни прекршоци. Кога ќе биде регистриран ваков прекршок, полициските службеници како мерка треба да го користат предупредувањето и укажувањето до странските возачи. Задолжително при преземањето на сите мерки е придржувањето до етичкиот кодекс, законите и љубезното однесување при извршувањето на службените задачи, се дел од препораките што МВР ги упати до своите вработени.

Од МВР објаснуваат дека е важно секоја институција и поединец да придонесат  за подобрување на впечатокот кој странските државјани го добиваат за земјата. Оттаму, исклучително е важно секоја институција и поединец да придонесат во оваа насока во рамки на своите ингеренции и овластувањата. За таа цел Министерството за внатрешни работи започна со делење на информативни материјали, испечатени на осум јазици, на сите гранични премини при влез во земјава, со кои на странските државјани им се даваат корисни информации и истите се запознаваат со законската регулатива, посочуваат од МВР.

OhridNews