Полицијата има индиции за тоа кој стои зад нападот врз полициската станица за гранична контрола Гошинце, а дел од оружјето коешто групата го зеде од полициската станица вчера било пронајдено при претрес во објект во блиското село Брест.

Според неофицијални информации, еден од главните осомничени за нападот на караулата е Мирсад Н’дрецај, познат од конфликтот во 2001 година, како „Командант НАТО“, кој ја презеде одговорноста за нападот на својот профил на социјалната мрежа Facebook. Напиша дека тој, заедно со уште неколку поранешни војници на ОВК, ја нападнале полициската станица во Гошинце.

„Додека политичкото раководство на чело со Али Ахмети водат борба за своите лични интереси, ние, поранешните претставници на ОВК, никогаш не се согласивме со Охридскиот договор, којшто никогаш не се реализираше до крај“, напиша Н’дрецај.

Н’дрецај заедно со уште друго лице биле главни во нападот на караулата во Гошинце, но засега не се открива името на другиот осомничен.

„Во оваа фаза можам да кажам дека индициите и оперативните сознанија со кои ние располагаме во овој момент, а се релевантни во истрагата, водат во насока на можна инволвираност на лицето (Мирсад Ндрецај)“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, одговарајќи на прашањето дали „Командант НАТО“ е осомничен за нападот на Караулата.

За Јанкулоска тезата дека нападот е фингиран, е бесмислена и активностите на Министерството за внатрешни работи ги демантирале ваквите тврдења.

„Таквото тврдење, иако доаѓаше од највисоки претставници на опозицијата, може да се протолкува како обид да се внесе дополнителен раздор и немир кај граѓаните на Македонија, бидејќи самиот настан во Гошинце влијаеше на чувството на безбедност кај граѓаните и дополнително да се девалвира готовноста на безбедносните сили. Но, времето најдобро ги демантираше сите оние кои излегоа со вакви конструкции, дека не само што не се во право, туку дека безбедносните служби се подготвени и дека имаат капацитет да одговорат на секоја задача. Обидот да се внесе раздор меѓу граѓаните, се надевам,нема да им успее на политичарите кои креираат вакви тези, затоа што граѓаните се доволно мудри и знаат на што може, а на што не треба да веруваат“, порача Јанкулоска.

Таа уверува дека границата на државата се обезбедува според највисоки стандарди и дека е неупатно да се споредува времето кога границата ја обезбедувала Армијата со 23 припадници на АРМ и времето кога границата ја обезбедува МВР.

Иако границата се обезбедувала со четворица полицајци, освен физичка сила полицијата користела и други мерки кои опфаќаат повеќе мерки на обезбедување. „Тактиката не е само бројот на луѓе, опфаќа многу други тактики од методолошки аспект“, вели Јанкулоска.

Тактика било и тоа што полицијата појде на местото на инцидентот следниот ден, речиси 12 часа по настанот. „Тоа е дел од тактиката и методологијата  на работа. Нас освен што ни е битно да се направи увидот и да се собере целиот доказен материјал кој може да го има на местото на настанот исто така ни е битно  тоа да се прави во безбедни услови и да се направат сите антиретористички мерки пред да се пристапи на лице место“, речи Јанкулоска.

Полицијата во неделата направи претрес на објекти во селата Брест и Брњарци, сопственост на педесет и петгодишно лице осомничен дека е учесник во нападот кај Гошинце. Во два објекти во Брест нашле автоматски пушки, снајпери, радиостаница, маскирна униформа со ознаки на УЧК, рамки за куршуми. Оружјето кое било најдено е дел од оружјето коешто групата го зела од полициската станица во караулата. Испратено е на вештачење за да се откријат евентуални материјални траги корисни за истрагата.

На 21-ви април, според МВР, група од 40-тина лица ја нападната караулата во Гошинце, врзаа тројца полицајци од караулата, а еден го оставиле одврзан и на заминување им рекле да се ослободат половина час откако ќе заминат напаѓачите. Им порачале дека не признаваат никаков Охридски договор и дека сакаат своја држава.

Според МВР, нападот во Гошинце е кривично дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок на Република Македонија“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“