Келнерката Стејси Кнутсон од Минесота го тужела градот Мурхед бидејќи полицијата и одзела напојница од 12 илјади долари. Келнерката тврдела дека парите ги добила од муштерија, но полицијата се сомнева дека се пари од продажба на марихуана. Стејси рекла дека некоја жена зад себе оставила кутија, а таа потоа ја зела и побрзала да и ја врати. Жената едноставно и рекла да ја задржи кутијата.
Тогаш се вратила со кутијата и ја отворила, а во неа имало 12 илјади долари во банкноти од 10, 20, 50 и 100 долари. Стејси верувала дека парите кои ги добила се „дар од небото“, бидејќи таа била мајка на пет деца и имала проблеми со финансиите. Келнерката ги предала парите на полицијата, од каде што и ветиле дека ќе ги добие назад после 90 дена доколку никој не ги побара. Сепак, кога Стејси по истекувањето на рокот отишла по парите, и рекле дека нема да и ги вратат бидејќи наводно биле дел од истрага и дека полициските кучиња на нив намирисале марихуана.