Во организација на Министерството за внатрешни работи во наредните пет дена во Охрид ќе се одржи 16-тата годишна IPES конференција (Меѓународен полициски симпозиум на претставници на извршното ниво на полицијата) посветена на темата “Полициско работење, приватен сектор, економски развој, општествени промени“.

На Конференцијата  ќе учествуваат околу 120 претставници од околу 30-тина земји од светот. Еминентни светски професори, полициски комесари, форензичари, доктори по криминологија ќе се осврнат на  соработката на полицијата, развивање на безбедносни сојузи, полициското работење и безбедност, предизвиците на превенцијата на криминал, безбедноста и економскиот пораст.

IPES е основан во 1994 година од страна на Д-р Дилип Дас и е регистриран како непрофитна образовна корпорација. Негова цел е поддршка на полициските образовни иницијативи и давање професионални услуги за полициските служби во светот. Меѓународниот симпозиум на претставници на извршно ниво на полиција (ИПЕС) ги соединува полициските истражувачи и практичари, со цел да се олесни меѓукултурната, меѓународната и интердисциплинарната размена за збогатување на полициската професија. Овој симпозиум поттикнува дискусии и писмени текстови во врска со темите кои претставуваат предизвик и се од голема важност, преку низа иницијативи, вклучително и конференции и публикации.

Ohridnews