Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поднесе кривична пријава против полицискиот службеник И.П.(34), дежурен полицаец во  ПК-Нов Дојран при ПС од ОН Гевгелија поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

На 18.07.2011 година во времето од 09,00 до 10,00 часот, на патот М-1 кај клучката-Марвинци, пријавениот во својство на овластено службено лице, со превземање на службени дејствија за кои не е овластен (бил на годишен одмор и немал никакви службени задолженија), пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, облечен во полициска униформа и со стоп палка запрел три моторни возила управувани од странски државјани на кои за наводно констатиран сообраќаен прекршок им издавал примероци од општа уплатница, во кој ги внесувал нивните генералии, констатираниот прекршок и висината на паричната казна која требало  да ја платат.

Осомничениот и покрај тоа што согласно распоредот користел годишен одмор и немал никакви службени задолженија, на 18.07.2011 година, облечен во полициска униформа со лично вооружување-пиштол и стоп палка најпрвин го запрел моторно возило управувано од полскиот државјанин А.Р.Ф. и на обична општа уплатница ги завел неговите генералии на износ од 3022.00 денари, а во рубриката „цел на дознака“ потполнил „Светло чл.1“. Потоа го запрел возилото управувано од српскиот државјанин М.Г. за кого исто така пополнил уплатница со неговите генералии  за наплата на 2800.00 денари, а во рубриката „цел на дознака“ потполнил „Светло чл.18.1“. Истиот ден, запрел и возило управувано од косовскиот државјанин М.Г. со чии генералии ја пополнил уплатница  на износ од 1200.00 денари, а во рубриката „цел на дознака“ потполнил „Појас чл.13“. На сите три уплатници е наведен  датум од 18.07.2011 година.

Слушајот бил откриен од граѓанин кој при излез од Р.Македонија им пријавил дека на патот М1, кај клучката Удово со стоп палка бил запиран од полициски службеник кој му бил сомнителен бидејќи немал флуоресцентен елек со ознака на полиција, а во близина не  забележал обележано службено возило со кое вообичаено се врши контрола на сообраќајот на автопат поради што истиот на дадениот знак незастанал.

Од страна на патролна служба, надлежна да врши контрола на сообраќајот на автопат на посоченото место бил затекнат пријавениот, облечен во полициска униформа и со стоп палка во рацете. Пријавениот, додека разговарал со колегите од џебот на блузата извадил повеќе уплатници и ги фрлил покрај патот, а со потврда за привремено одземени предмети од пријавениот биле одземени трите пополнети уплатници и 18 непополнети уплатници-образци ПП50.

Од извршените проверки во службените евиденции во ПК Нов Дојран и извршените разговори со полициските службеници кои постапувале по конкретниот случај е утврдено дека пријавениот за време на користење на денови од годишен одмор, надвор од станичното подрчје на кое е вработен -ПС Валандово, неовластено превземал службени дејствија-контрола на сообраќајот на автопат за кое нешто надлежна е Единицата за БПС на Автопат при ПС за БПС-А Демир Капија. При извршен преглед на пријавениот скриени во футролата за резервниот оквир биле пронајдени вкупно 115 евра.

Извршен бил службен разговор со осомничениот полициски службеник, кој негирал дека запирал и контролирал возила, а за пронајдените уплатници истиот појаснил дека се работи за детска игра со неговиот син и дека заборавил да ги фрли. За пронајдените евра се изјаснил дека воопшто и незнаел дека ги има. Од извршеното пребарување во електронскиот систем за обработка на податоци и евиденција на лица кои оствариле влез и излез од РМ на граничните премини во РМ е утврдено дека лицата со податоците наведени во уплатниците во 08,35часот, 08,50 часот и 09,19 часот влегле на ГП Богородица.

Од страна на Основниот суд-Гевгелијана на осомничениот му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, а од страна на СВКПС согласно одредбите од Колективниот договор на МВР  до началникот на СВР Струмица изречени се задолжителни мерки истиот да поднесе предлог до Министерот за внатрешни работи без водење на дисциплинска постапка да донесе Решение за откажување на договорот за вработување за полицискиот службеник, информираат од МВР.

OhridNews
извор: МВР