Европската унија има за цел да ја формализира новата стратегија кон Русија, а тоа е изолација, пишува Политико. Според интерен нацрт-документ во кој имал увид Политико, претставниците на ЕУ разговараат за нови принципи со кои ќе се замени застарениот документ што ја води политиката на блокот кон Москва.

На некој начин, ажурирањето е само одраз на реалноста на теренот. Откако Москва ја започна својата инвазија врз Украина во февруари, ЕУ се фокусираше на усвојување и потоа спроведување на сеопфатни санкции насочени против голем дел од економијата, увозот и извозот на Русија.

Но, со оглед на тоа што војната сè уште трае, не сите се согласуваат дека сега е вистинското време да се реши прашањето како да се пристапи кон долгорочните односи на ЕУ со Москва.

Тоа значи дека претстои дискусија која би траела со недели или месеци. Тие разговори официјално почнаа во понеделникот кога министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа за нацрт-документот за време на состанокот во Брисел.

Нацрт-текстот, насловен „Линијата што треба да се преземе“ вклучува шест точки за замена на претходните пет водечки принципи за кои блокот се согласи во 2016 година.

Дипломатите нагласија дека нацртот има за цел да поттикне лична (in-person) дискусија.

Освен изолацијата, главните принципи во документот вклучуваат „обезбедување одговорност“ за сите руски воени злосторства и „поддршка на соседите на ЕУ“, што се однесува главно на балканските земји, од кои неколку се земји кандидати.

Во него се споменува и „блиска соработка со сојузниците на НАТО“, „поддршка за граѓанското општество“ во Русија и „зајакнување на отпорноста на ЕУ“, како знак за енергетското потпирање на блокот на Москва, порастот на кибер нападите и ширењето дезинформации.

Новиот нацрт едвај наликува на оној според кој ЕУ функционира од 2016 година. Тој документ вклучуваше голем број принципи кои повеќе не важат: Крај на судирите меѓу сепаратистите поддржани од Русија и Украина на истокот на земјата, селективно ангажирање на Русија за прашања како што се борбата против тероризмот и поддршката на меѓучовечки контакти.

Зајакнувањето на граѓанското општество и градењето поблиски врски со соседите на ЕУ беа исто така на првичната листа.

Општо земено, ажурираниот нацрт не треба да предизвика големи проблеми, велат дипломатите.

Една од спорните точки е формулацијата – „не може да има враќање во нормални односи“ се додека Москва ја напаѓа Украина и го крши меѓународното право.

Дипломатите посочуваат дека балтичките земји, кои традиционално се негативни кон Русија, сакаат таа линија да биде посилна, но додаваат и дека Германија е задоволна од актуелниот текст.

OhridNews