Пред да започнам со мојата Колумна, да се потсетиме на нешто што ќе речете дека е излитено…. Ретки се македонците што барем еднаш во животот не го посетиле Охрид, ретки се луѓето што не го сакаат и не уживаат во него и барем во себе немаат една најмала искра, на желба да живеат тука. Значи сите го сакаат и го ценат она што е и го има Охрид, само ние самите не знаеме да го сакаме и да го чуваме. Ќе заклучиме, ова е само претпоставка , но зошто не болат ваквите изјави? Е па одговорот е едноставен-Вистината боли.
И да почнеме…. Сигурно по телевизииве имате погледнато барем еден спот од кампањата Животот е мојот филм, тоа се оние спотови во кои има поука дека треба добро да размислиш пред да земеш дрога. Ќе си речете сега, па каква врска има ова со случувањата во Охрид. Нема врска секако, но може да послужи како идеја, да се направи еден Филм, во кој ќе ги наредиме сите случувања во Охрид, откако проструи првата информација дека езерото почнало да расте и дека е неколку сантиметри над дозволената кота.
И така, спотот би започнал со воведната сцена- Првите поплави во Воска и Далјан, кои се случија на крајот на декември, значи среде зима беше. Такви поплави не биле забележани во Охрид од 60-тите години, што требаше да биде предупредување дека во текот на зимата и со почетокот на пролетта, хридролошката состојба ќе биде уште поалармантана. Но тогаш ништо, маката на поплавените се искористи за политички битки, се напуштаа седници на совет, се посетуваа поплавените, се ветуваше помош, се даваа изјави -вие сте криви,-не вие сте криви и помина…. Наредна сцена- Поплавите во Албанија, кога по молбата на соседите, ги затвориме портите кај истекот на Дрим во Струга. Во таа сцена може да ги ставиме и првите апели дека затворањето на портите, може да направи проблем. Следи сцена демек поминал извесен период и пишуваме –После извесно време.
И следи клучната сцена- 17 февруари-Проструи информација меѓу новинарите, езерото е 11 сантиметри над дозволената граница. И по првиот новинарски прилог на оваа тема, се вклучува алармот, но не за евакуација од поплави, туку политичкиот аларм, за мобилност и спремност, за да навреме се почне битката, со обвинувањата од типот -ММЕ-тој е крив, вака требаше, така требаше, ова треба итно, она треба итно. И така езерото растеше секој ден по еден сантиметар, луѓето од крајбрежјето стравуваа, политиката брануваше. И никако да седнат на иста маса и да се координираат надлежните општински и државни служби, се препукуваа и си праќаа пораки за состојбата со езерото само по медиумите.
Наредна сцена- подземните води го поплавија Пештани и политичариве секој ден се возеа на таа релација и селото го посетуваа како никогаш до сега. Божем ги тешеа, а во суштина ги рошкаа жителите, со изјави -тие од другата партија, ви го направија ова, -тие се криви ние не, ние еве ве жалиме, еве дојдовме да ве посетиме….., им кажуваа политика на луѓето облечени во рибарски чизми кои сами се мачеа во вода до колена. Катастрофа! Жално, за пештанци секако, затоа што, политичарите ги посетуваа со едниствена цел, да соберат политички поени. Ова може да се заклучи од фактот, што за секоја посета на Пештани, медиумите беа први информирани, значи на политичарите им беше важно само едно- посетата да биде е медиумски покриена.
И од тука би започнала колуминација на филмот, делот кога фаќа лудилото и очајот и сцените се движат со голема брзина. Би ги ставиле тука трибините, состаноците, пресовите, изјавите, на кои се кажуваа страшни работи, дека ќе се излее езерото, ќе има земјотреси, треба итна акција, јавно се бараше помош и од други држави и на странски медиуми. И така штетите од надојдената вода се броеја, вестите за езерото беа секој ден ударна тема, на сите вести, на насловна страна на сите весници, стравот се ширеше, луѓето паничеа, на сите им се растури сонот. Езерото покарај кое сите се релаксираа и спокојно шетаа, започнаа да се гледа со страв и луѓето доаѓаа до кејот само да се уверат дали навистина е надојдено.
И наеднаш се разбудија државните служби, почнаа да поставуваат насипи, да чистат канали, да сакаат да се координираат со локалната самоуправа, но за жал, не го погодија времето. Кога градоначалникот ги викаше, никој не му дојде и одбраа да дојдат баш тогаш кога тој, замина на посета во Австралија. ( Не ставаме сцени дали беше потребно или не, ова патување, нека биде проценка на гледачите на филмот.) И се дигна паниката, најверојатно сфатија дека не можат без него и вмровците и сдсмовците, почнаа, на пресови јавно да го повикуваат дека е неодговорен и дека треба под итно да се врати. И тој се јави од Австалија, и на едните и другите им објасни дека ќе се врати само доколку е крајно неопходно, значи сметаше дека не е критично во Охрид и дека има потполна доверба во општинскиот тим. Потоа следуваа протести на загрижени граѓани, а капак на целата ситуација, беа секако, билбордите со недолични содржини, кои осамнаа низ Охрид, на кој не само што се нагрдуваше и омаловажуваше личност, туку се омаловажуваше и една значајна функција – градоначалник на Охрид. И почнаа пак коментарите, дека билбордите се спротивни на сета етика и морал и дека истите се спротивни и на закон.
И сите се однесуваа како зомби, како дрогирани со политичка доза на омраза, едните на другите, удрија со зборови и обвинувања меѓу себе, се правдаа пред граѓаните дека не стојат позади тој срамен чин. Билбордите сигурно ги виде и градоначалникот па најверојатно да си ја одбрани својата чест (што е и нормално) реши да се врати, а целата делегација остана во Австралија. Тој се врати и се извини на граѓаните кои се чувствувале небезбедни без него и на тие кои ги поставија билбордите им рече дека ќе ги гони кривично. Но после се, езерото почна да се намалува, како да си рече, ако луѓево не сакаат… дај барем јас да помогнам и да ги избавам од ова лудило. (дај Боже, и по сите изгледи состојбата најверојатно ќе се стабилизира).
Но џабе, Охрид веќе се поплави, но не од езерото туку со црната и пуста политика. Која донесе толку нечистотија, која не само што го извалка името на градот, ќе му остави дамка, која ни водата од целото Охридско Езеро нема да може да ја измие и исчисти. Таа ќе остане како испрана флека, која не се отстранува, за да не потсетува дека политиката е најголемото зло и дека само таа може да направи штети, не само материјални, туку духовни и морални.
И кога ќе ја изгледате последната сцена на овој филм, неговиот наслов сам ќе се испише: Политиката го полави Охрид – Филм кој ќе сакате да го премотате наназад. И сите што се барем малку разумни сигурно ќе сакаат да го премотаат нананазад и да направат ново сценарио, во кое ќе има помалку политика, омраза и во кое нема да има штети и жртви.