Трендот на повторно обединување на стари популарни групи продолжува. После Duran Duran, Queen (без Фреди Меркјури), а на „нашите“ простори Бјело Дугме и Леб и Сол, на ред дојде веројатно најпозната рок група во Велика Британија и пошироко – Полис (The Police).
Британскиот бенд The Police чиј најпознат член секако е Стинг, заедно со Стјуарт Копленд и Енди Самерс, повторно се обединуваат специјално за настапот на Grammy Awards – после повеќе од 20 години од нивниот последен албум.
Полис. Сликата е од 1983 година
The Police ќе свират на отворањето од 49-те Grammy Awards. Бендот е основан во 1977 и никогаш официјално не се распадна (иако сите тројца имаат соло кариери). Нивен последен албум беше Synchronicity од средина на осумдесеттите, а прв број еден хит на топ листите им беше Message in the bottle од албумот Regatta de Blanc од 1979 година.
Членови се на Rock and roll куќата на славните од 2003 година. Обединувањето на Полис е големо изненадување за нивните обожаватели и музички новинари бидејќи сите членови на групата, а посебно Стинг изјавуваа дека „побрзо пеколот ќе смрзне отколку The Police пак да свират“
Инаку триото има 5 грами награди од средината на осумдесеттите.
С. Костоски