Изминатиот викенд, Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Охрид во Струга и Кичево ја спроведе превентивната кампања „Полициско-родителска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници од Одделението за превенција, родители, претставници на Советот на родители во основните училишта, на Секторот за образование при локалната самоуправа, како и на Центарот за социјални работи извршија обиколка на угостителските објекти, како и на одредени места на отворен простор каде во ноќните часови најчесто се собираат и задржуваат младите.

Целта на кампањата е родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања, велат од МВР.

Додаваат дека целта на патролата е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

OhridNews