На денешната седница на Владата донесена е одлука за забрана за движење на населението и на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 22:00 часот до 05:00 часот наредниот ден, почнувајќи од 10 март 2021 година (среда) до 22 март 2021 година (понеделник). Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници, појасни на неговиот ФБ профил министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин. Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна, образложи Спасовски.

Со заклучок на оваа седница на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација, е задолжено да објави соопштение со кое ги известува граѓаните и економските оператори дека се обновува важноста на веќе издадените дозволи издадени за време на претходните одлуки за забрана за движење.

Министерството за информатичко општество и администрација ќе им ги преиздаде решенијата за слободно движење на оние кои во меѓувреме ги загубиле дозволите, како и за оние кои имаат дополнителни барања за дозволи за движење врз основа на доказ за неопходноста на тоа барање.

Отстапки од забраната ќе има и за сите граѓани кои за време на забраната за движење имаат потреба од итна медицинска грижа и за слободно движење оваа потреба ќе треба да ја најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи. За дополнителните исклучоците во однос на забраната и посебниот режим на движење на населението и возилата доколку има потреба ќе ги утврдува Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19, во соработка со надлежните органи на државната управа, објави министерот Спасовски.

Со оваа одлука на Влада се опфатени и сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од Афричкиот континент, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе се упатуваат во 14 дневна домашна изолација (карантин).

За сите видови групни или индивидуални патувања, патниците од земјите од Африка кои транзитираат низ територијата на Република Северна Македонија, задолжително ќе биде потпишувањето на Изјава за транзитирање, напиша Спасовски на неговиот ФБ профил.

OhridNews