Вечерва на територијата на целата држава на сила стапи полициски час. Оваа ригорозна и рестриктивна мерка, ја донесе владата на итна седница синоќа, со цел да се спречи ширењето на пандемијата од коронавирусот Ковид 19, од кој во земјава се заразени 114 лица (две во Охрид), а регистриран е и првиот смрттен случај.
Полициски час е и во Охрид. Низ улиците патролира полицијата, на плоштадите и кејот нема движење, дуќаните се затворени, а чаршијата празна.
Од СВР Охрид информираат дека освен полициски патроли и лица со посебни дозволи согласно уредбата на Владата, никој не смее да се движи за време на полицискиот час кој трае од 21 до 6 часот наутро. Охриѓани ја почитуваат забраната за движење, што може да се воочи и од фотографиите направени вечерва, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Охрид, вечерва е празен а на улиците само полициски службеници кои се грижат за безбедноста, вршат патрола низ градот и приградските населби со цел доследно спроведување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Охриѓани ја покажаа свеста и совеста. Сепак, апелирам да седиме дома, да се грижиме за хигиената и да не излегуваме без нужна потреба. – порачува портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Г. Момироски