Една земја, едни прописи, едни исти институции, ама различни аршини. И тоа на штета на туризмот. Неколкумина странски посетители деновиве на своја кожа ја почувствуваа неефикасноста на македонските институции и тоа од најбанални причини.
Имено, тие уредно отишле да го пријават својот престој во земјата во полициска станица во една од скопските општини со однапред пополнети пријави за таа намена кои можат да се најдат во книжарниците. Но, истите им биле одбиени како несоодветни, затоа што немале печат од полицијата, кој инаку може да го стави само полицијата!? Им било објаснето дека истите веќе не важат и дека ќе мора да пополнат нови пријави кои сега ги издава полицијата. Тие го направиле тоа, а по неколку дена уредно се одјавиле во истата полициска станица и се упатиле за Охрид.
Одговорните посетители првата работа што ја направиле во Охрид била да го регулираат својот престој во полиција. Водени од претходното искуство побарале формулари за пријава на престој, но во охридската полициска станица им било кажано дека сами треба да ги обезбедат и да ги донесат поплнети!?
Останува нејасно како е можно законските прописи кои ги пропишуваат обврските на странските посетители различно да се толкуваат од институциите и тоа од полицијата и зошто едно обично пријавување не е едноставна услуга која неодложо и веднаш треба да ја добие посетителот без оглед каде се пријавува.
Некој ќе рече сето ова е неважна работа, ситничарење и слично. Ставете се за момент на местото на овие посетители и што ќе кажете за земјата и местата кои сте ги посетиле?
Г.М.