Секторот за внатрешни работи Охрид презема мерки по насока на надлежното Јавно обвинителство за расчистување на случајот со лекар од Вевчани, кој, според гласините лекувал пациенти без соодветна диплома.
По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, за што јавноста ќе биде навремено информирана, соопшти денес портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Според информациите, за кои се зборува во Вевчани, вработен во Здравствен дом лекувал пациенти со лажни документи дека е лекар. Тој бил ангажиран во установата од 2016 година со договор на дело, а по две години трансформиран во вработен на неопределено време.
Директорот на Здравствен дом Вевчани Јован Стојковски, посочи дека истрагата е во тек и оти не сака да го коментира случајот.
Истрагата е во тек, оставам полицијата да си ја заврши својата работа и да излезе со детали, изјави Стојковски.
OhridNews