Полицијата ќе презема мерки за безбедно и непречено одвивање на црковната церемонија утре во Струга.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека сообраќајната полиција утре ќе врши кратко запирање на возилата во сообраќајот при премин на поворката од Литијата на улиците „Владо Малески“ и „15 Корпус“.

Мерките ќе бидат преземени во однос на физички обезбедување на трасата каде што ќе се движи Литијата, како и регулирање на сообраќајот додека се движи Литијата, изјави Димоски.

Познатата Струшка Литија (Еордија), традиционално се одржува на 7 мај, ден по празникот „Свети Георгиј Победоносец“.  Моштите на светецот ќе пристигнат од манастирот во Рајчица на раскошно украсен епитаф во црквата „Свети Георгиј“ во Струга.

Според најавата од Бигорскиот манастир, во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, проследена со молитвената литија, која почнува да се движи низ Струшките улици по вечерната богослужба во 17 часот.

Молитвената поворка од храмот на светителот, според тардицијата, ќе оди низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ чаршијата и повторно се враќа во црквата, каде верниците ќе имаат можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.

 

OhridNews