Пратениците од Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов и Александар Николоски, до Министерството за култура денеска поднесоа иницијатива за поставување споменик на Св. Наум Охридски – Чудотворец во центарот на Охрид.

Сметаме дека Охрид и Република Македонија треба да изнајдат начин да се заблагодарат на големиот светец и просветител Св. Наум Охридски кој како ученик на Светите браќа Кирил и Методиј заедно со Св. Климент дошол во Охрид каде формирал своја школа и ја ширел писменоста, со што оставил неизбришлив белег во македонската историја, истакна пратеникот Николоски.


Тој изрази надеж дека министерството за култура ќе ја прифати иницијативата која потоа треба да добие соодветна поддршка и од Советот на општината.


Како можна локација за поставување на споменикот, пратениците  го посочуваат тревникот пред рибниот ресторан во Охрид. Со тоа според нив ќе се заокружи просторот на кој во непосредна близина се поставени спомениците на Светите Кирил и Методиј и на Св. Климент.


-Не станува збор за натрупување на просторот туку тоа се грандиозни споменици на светители кои заслужуваат да имаат спомен обележја во центарот на Охрид, секако тоа го заслужува и Св. Наум, а како најповолна локација во разговорите со стручни лица, но и со новинари беше посочен токму паркот пред рибниот ресторан, рече Грозданов.


Св. Кирил и Методиј и Св. Климент, на ред е и споменик на Св. Наум

Тој рече дека во процедурата за изградба на споменикот нема да биде прескокната ниту една институција и очекува иницијативата да биде прифатена и од градоначалникот Петрески.

Ohridnews