Здружението на граѓани „Скопјанката Мајка тереза“ секоја година деновите од 26 август – раѓањето на Мајка Тереза до 5 септември – денот на нејзиното упокојување, ги одбележува како Денови на Мајка Тереза, а на 5 септември доделува статуетки со ликот на Мајка Тереза и посланија за хуманост.
На свеченоста што се одржа на плоштадот „Македонија“ каде е положена спомен-плочата на темелите на куќата на Мајка Тереза се обрати и претседателот на Граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ Димче Петрушевски кој истакна дека ја поддржува иницијативата од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците- Скопје со која се бара да се стави под заштита на државата името и делото на Мајка Тереза со што сметаат ќе и се даде заслуженото место на нејзиното наследство во нашата колективна меморија.
Мајка Тереза е личност од глобален светски карактер, припаѓа на целиот свет, а нејзиниот дух живее. Таа е светица и со самото тоа е веќе заштитена. Таа е симбол на сиромашните и на бедните. Таа е светска икона, а ние како Здружение можеме само да ги поздравиме сите тие напори во смисла на ширење на љубов и истражување на нејзините дела, рече Петрушевски.
Уметникот Живко Поповски – Цветин кој е меѓу најстарите членови на Здружението заедно со неговиот основач Стојан Тренчевски најави дека денеска симболично ова Здружение ќе го одбележи роденденот на Мајка Тереза со симболично пуштање на пет балони од кај спомен-куќата на Мајка Тереза со испишана лента со пораки за мир, љубов, хуманост и за помош на сиромашните и несаканите.
Директорот на Институтот Скендер Асани на денешната Свечена академија организирана од оваа институција по повод 111 години од раѓањето на Мајка Тереза истакна дека причините за оваа иницијатива подготвена во форма на елаборат насловен „Нашата светица под заштита на државата“ се многу, но издвои две од нив.
Кога личноста е прогласена за светица односот кон таа личност мора да биде правилен и во согласност со добро познатите норми предвидени за вакви случаи. Ние, како општество немаме многу искуство во негување на културата на колективниот прием на такви личности поради политичките и социјалните околности низ кои сме поминале, а сето тоа на неизбежен начин не охрабрува, да ја најдеме вистинската форма на институционална грижа. Втората причина е тоа што недостатокот на културата на колективен прием влијаеше врз поединци и групи да си дадат право да ја толкуваат и искривуваат биографијата на Мајка Тереза според неодржливи критериуми предизвикувајќи непотребни поделби во општеството, вели проф. д-р Асани.
Според него, понекогаш не е доволно само да се почитува една личност. Доколку ги немаме потребните механизми преку кои би можеле да ја подигнеме на државно ниво грижата за истакнати личности како што е Мајка Тереза, тогаш почитта кон нив би била ограничена само на луѓе со добра волја.
OhridNews