Хрватска славеше во Скопје со 2-1, само благодарение на македонската неснаодливост и неискуство.
Македонија одигра одлично само во првата фаза во мечот кога понесени од 33 илјадната публика “црвено-жолтите“ го диктираа темпото, и поведоа со првата вистинска можност.
По погодокот избраниците на Јаневски застанаа , ја препуштија иницијативата на “коцкестите“ кои полека и стрпливо ја градеа својата игра. Шансите се редеа пред нашиот гол, а Јелавиќ не успеа со глава од непосредна близина да го совлада Богатинов.
Неколку минути подоцна, она што не му успеа на Јелавиќ, го направи Чорлука кој ја прифати топката беше осамен и успеа со силен удар да го матира Богатинов.
На стартот на вториот дел, “црвено-жолтите“ почнаа офанзивно, Пандев во соло продор падна во казнетиот простор, но за судијата Расмусен немаше најстрога казна.
Македонија продолжи да пристиска, и наместо повторно водство, нов шок. Ракитиќ со удар од далечина го лобува лошо поставениот Богатинов и Хрватска е во водство.
По постигнатиот гол, гостите умешно ја контролираа играта, не дозволувајќи им на “црвените да креираат посериозна прилика.
За одбележување се последните моменти од мечот кога Пандев поради приговор добива втор жолт картон, со што го пропушта мечот против Србија.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com