Најавеното зголемување на социјалната и постојаната парична помош за 10 проценти од јули годинава, ја доби поддршката од членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика кои ги прифатија во прво читање измените на Законот за социјална заштита. 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов рече дека овие измени се во насока на значително зголемување на социјалната и постојаната парична помош за околу 36.000 семејства кои се материјално необезбедени и реално се во тешка состојба.

-Средствата за ова зголемување од 112,4 милиони денари се обезбедени од буџетот на МТСП. Владата го продолжува трендот на зголемување на паричните трансфери кон најранливите категории, а од 2006 година социјалната помош во просек е зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46 проценти. Од јули годинава, иако претходно беше предвидено социјалната и постојаната парична помош да се зголемат за пет проценти, тие ќе бидат зголемени за 10 проценти бидејќи за тоа е утврдено дека постојат услови и можности, појасни Спасов.

Тој посочи дека социјалната помош во 2006 изнесувала 2.900 денари, во 2014 – 4.266 денари, а дека со зголемувањето ќе биде околу 4.700 денари, додека постојаната парична помош од 3.695 денари колку што изнесувала во 2006 достигнала до 5.392 до 2014 и дека со зголемувањето од јули таа ќе изнесува 5.931 денар.

 

OhridNews