–Сегашната состојба е последица на незнаење и неписменост на група луѓе вработени во охридската капетанија која го погреба охридското бродарство. Поголема деградација охридските бродари немаат доживеано, да ги водат нестручни лица кои се немаат возено со брод, а камоли да управувале брод-истакна Горан Устијаноски, пренесувајќи го ставот на охридските бродари кои повеќе од две недели не пловат на Охридското Езеро.
Здружението на бродари јавно го повика првиот човек на Капетанијата да си поднесе оставка, а Министерството за транспорт да размисли добро кого поставува на раководни места во институциите кои се под негова надлежност.
-Од кога започнал организиран превоз на лица со бродови на Охридското Езеро во 1924 година ваква состојба не се памети. Доколку се доблесни луѓето во Капетанијата треба сами да си одат.-додаде Устијаноски.
Оставка на дел од вработените побара и локалната самоуправа која обвини дека во Капетанијата работат партиски војници кои ги штити власта. Општината побара ингеренции во внатрешната пловидба и реструктуирање на капетанијата, со што според неа ќе се решат проблемите во внатрешната пловидба.
Наспроти силните обвинувања и реакции, државата и натаму со цврст став. Сопствениците на патничките бродови да го почитуваат законот и да извршат технички преглед, без што не може да пловат на Охридското Езеро.