Оценките од највисоките командни структури на НАТО Алијансата упатени до Македонските војници од мисијата ИСАФ во Авганистан, уште еднаш докажаа дека Македонија  заслужува да биде рамноправна членка на НАТО. Ова беше потенцирано денеска, во  касарната ,,Михаило Апостолски“ во Охрид, на свечениот дочек на војниците кој беа дел од оваа мировна мисија.  Македонската механизираната пешадиска чета која беше дел од  ИСАФ, броеше 149 припадници  на АРМ, кои во Авганистан беа од јули 2009 година до јануари годинава.


– Секоја мисија е успешно завршена доколку луѓето, материјалните и техничките средства безбедно се вратат од таму кај што биле распределени на задача. Верувам дека сето искуство ќе го примениме во понатамошната период и ќе продолжиме да постигнуваме вакви и поголеми успеси. Македонските војници како војници се докажани во историјата и мислам дека нема потреба дополнително да се мотивираат за под македонското знаме да извршат било каква задача.-рече полковник Методија Величкоски.


Македонските мировници  велат дека е  голема чест и задоволство да се покаже успех и да се биде  рамноправен со припадници на сите други армии кои истовремено биле  вклучени во мисијата во Авганистан.

-Сите напади и експлозии кои што се случија  околу нашата база и во зоната која што беше под наша одговорност, ние успешно ги надминавме и одговоривме на сите задачи заедно со армиите од другите земји, кои беа вклучени во оваа мисија.  Нашите подготовки и обуката ни дава за право да кажеме дека ние сме способни и можеме да се справиме со сите предизвици. –рече Љуљзим Нуредини Командант на контигентот.


За тоа дека макeдонскиот контингент во мисијата заминал многу подготвен, потврдија и војниците од  понежниот пол.

-Како жени бевме подготвени на предизвикот што значи  да се застане рамо до рамо со машките војници.  Од нив имавме големо разбирање и подршка и сите заедно функциониравме како еден добар тим и успеавме да ги надминеме сите опасности што постоеја таму. Најважно од се е тоа што сите се вративме здрави и живи од оваа мисија-вели Жаклина Лазареска, постар водник . Таа нагласи дека и покрај тоа што како мајка и било многу тешко да биде разделена од својот син, учеството во оваа мисија го смета за голема гордост.


Припадниците на АРМ воените задачи во Авганистан  ги извршуваа во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што главна задача им беше безбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. Покрај ова, мировниците на АРМ во Кабул извршуваа и други сложени задачи како што се: патролирање и обезбедување на воената база и објекти од витално значење за животот на населението во Авганистан, борбено обезбедување на комуникации и области и други задачи во зависност од потребите на мисијата.

Е.Е.