„Префинетоста на умот не може да се пренесе во зборови, но може да се види во зборовите.” Со овој цитат професорот Зоран Анчевски викендов во црквата ,,Света Софија “ го започна освртот на поетскиот опус на годинешниот лауреат на Струшките вечери, Ко Ун.
„Поезијата на овогодишниот ловороносец се одликува со богата екпресивност, пикторескен јазик и изобилство од поетски форми и стилови, а тоа имено е својствено за ориенталната литература. Ко Ун во истовреме е будист и историчар на природата. Тој мошне умешно прави трансцеденција на зборовите во изобилство од слики на духот, во постојана потрага по нови експерименти со различни тонови, зборови, варијации” – подвлече Анчевски.
Лауреатот не го криеше своето задоволство од освежувањето во водите на Охридското езеро и убавините со кои плени охридско-струшкиот крај. Според него, поезијата може да го промени светот и светот може да биде подобро место за живот само кога луѓето би биле почовечни. Неговата поезија, како што нагласи професорот Анчевски содржи хуманистичка димензија и претставува фундамент од високи поетски вредности, синергизам и синкретизам.
„Преку поезијата на Ко Ун, ние сме побогати со нови сознанија за тамошната култура и традиција.Како средношколец по цели вечери читал поезија и не очекувал дека патот на поет ќе му донесе толку тегобност, борба и контрадикции. Она што е импресивно е неговиот животен пат, доживеал драматични пресврти , а сепак успеал тагата да ја преточил во мудрост и благородна поетска визија.”– нагласи Анчевски.
За Ко Ун, поезијата е светилник во иднината на човечката историја и свест за минливото и профаното.
Поетот Никола Маџиров, кој го проследи поетскиот портет на лауреатот, вели дека Ко Ун е еден од најеминентните имиња во современата светска поезија. Тој ја доживува неговата поезија како вонвременска, длабоко рефлексивна, како одблесок од темните страни на животот. Иако во некои негови поетски текстови преовладува меланхолијата, сепак неговата поезија е секогаш искрена и ќе биде отворен прозорец за сите читатели, специфична по совпаѓањето меѓу мигот на перцепција и мигот на запишување, со неверојатна сила на зборот.
Наградата на добитникот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, ќе му биде врачена вечерва на меѓународниот поетски митинг „Мостови“, што традиционално се одржува на Мостот на поезијата во Струга. Вечерва ќе бидат врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“.
Ивана Чичоска