Во Центарот за култура „Григор Прличев“, од 21 часот ќе се одржи промоција на книгата „Поезија – ткаења“ од Славе Ѓорѓо Димоски и документарниот филм на Антонио Вељаноски „Поет на мал народ“.
Во книгата „Поезија – ткаења“ во издание на Панили од Скопје содржани се досегашните објавени поетски книги на Славе Ѓорѓо Димоски: Гравири (1979), Проект (1982), Студен порив (1985), Последните ракописи (1988), Спореден пат (1991), Предмети и аргументи (1994), Форми на страста (1998 и 1999), Темно место (1999) и Мерач на зборовите (2007). Изданието е објавено во знак на 35 години поетско творештво, односно од објавувањето на првата книга Гравири (1979).
Според проф. Димитар Пандев, кој е и промотор на книгата, геопоетиката на Славе Ѓорѓо Димоски отвора простор за множество интерпретации во онаа смисла, во која неговата поезија се остварува преку множество точки на набљудување на светот и на стварноста од една иста точка.
„Тоа е суштината, впрочем, на односот меѓу јазикот и стилот на Димоски, одмерениот јазичен исказ наспроти бурниот стилски израз. Впрочем, да се потсетиме на Јакобсоновото поезијата е исказ што е насочен на самиот израз. И да потврдиме, Димоски од секојдневните јазични искази пресоздава необични стилски изрази, со што неговата поезија добива и своевидна барокна тежина, во онаа смисла во која во просторот се изнијансира меѓупросторот во чиј центар е авторовото јас, кое по пат на семиоза и понатаму се деатлизира, се динстиктивизира во сопственото времепространство“ – вели Пандев.
Во документарниот филм на Антонио Вељаноски во кој преку три песни (Куќа, Траума и Ноќта е црна Liebe Maria) е раскажана духовната биографијана поетот Славе Ѓорѓо Димоски. Поетот зборува за поезијата како чувар на јазикот на малите народи бидејќи во неа е содржан исконскиот озон на јазичната традиција.
„Со овај филм навлегов во еден специјален жанр во склоп на документарните филмови а тоа е поетичниот жанр, односно филмот има и неколку поджанрови, меѓу кои е и портретот, или можеме прво да го ставиме портретот, а потоа, преку поетичниот жанр би дошле до поимот Поетичен портрет. Голема инспирација црпев од сурреалниот стил на раскажување на големата светска документаристка Мартина Кудлачек, која што имав чест и лично да ја запознам на едно нејзино предавање за филмскиот портрет на националниот факултет за филм во Прага, каде што беше презентиран и нејзинот филм Amour fou – Ludvík Šváb. Сметајќи дека поезијата е една сурреална дисциплина, играјќи со надреалните елементи кои што се во филмот го овековечив, овај наш поет на филмското платно. Како одговор на критиките од страна на еден филмски критичар во Чешка би сакал да се изјаснам дека овај филм не е, како што тој кажа дека сум се обидел да ја опишам поезијата општо, овај филм не е опис, овој ФИЛМ е еден мал дел во кој што преку неколку песни филмски го претставувам творештвото на само еден ПОЕТ; ова е ФИЛМ, а не е опис. Како сите други уметници, пред се размислувам за целокупниот скелет на филмот гледано според некоја драматуршка форма. А стилот го гледа гледачот и негово е да оцени дали тој стил му се допаѓа или не, инаку контурата на филмот е нешто што мислам дека успеав доста добро да го изведам но без него СЛАВЕ кои што со своите извондредни мисли за тоа како се конструира една песна им ги обогатува импресиите на сите оние кои што поезијата ги интересира. Овај филм и како сите филмови не би го држел вниманието на сите, за тоа сум свесен. За жал интересот за поезијата е се помал, но сметам дека ова дело е една филмска поема.” – вели oхриѓанецот Вељаноски кој е апосолвент на престижната Академија за филм – ФАМУ во Прага.
Филмот по сценарио и режија на Антонио Вељаноски оваа година доби награда на фестивалот „Млада камера“ во Република Чешка.
Инаку, настанот се одржува во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
OhridNews