На шест дена пред Велигден килограм јагнешко месо во Охрид се продава по цена од 330 до 360, за разлика од лани кога на една недела пред големиот православен празник се нудеше по цена од 300 до 330 денари по килограм. Според понудата на пазарот и во маркетите, една табла јајца се продава по цена од 150 до 220 денари во зависност од класата.

Од охридските месарници велат дека и покрај цената, интересот за јагнешко месо оваа година бил на задоволително ниво.

Сметаме дека и оваа цена е пристапна, но во зависност од побарувачката и количините на јагнешко месо кои може да ги понудиме за продажба, оваа цена неколку дена пред празникот може да биде повисока за 20 до 30 денари. Цената на месото никогаш не зависи од нас и неа ја диктира самиот пазар, велат трговците со месо.

Охридските производители на јајца објаснуваат дека цената на јајцата годинава е пониска поради поголемата понуда.

-Оваа година цената на јајцата е доста пристапна, за разлика од минатите години, кога достигнуваше цени и до 300 денари по табла. Цената се формира во зависност од класата на јајцето. Како и секоја година интересот е многу голем и најмногу се продаваат јајцата од средна класа и големина. Очекуваме поголема побарувачка на јајца пред Велики четврток, велат охридските производители на јајца кои во текот на вчерашниот пазарен ден имаа многу муштерии.

Тие ги советуваат граѓаните да внимаваат каде купуваат јајца, бидејќи за време на Велигденските празници трговците често пати продаваат јајца кои се со изминат рок на траење.

Освен јагнешкото и јајцата, домаќинките деновиве набавуваат и бои за јајца, чии цени се движат 10 до 30 денари по пакување. Освен обичните, се нудат и бои со кристали и бисерен сјај кои се движат од 70 до 80 денари. Исто така голем е изборот и на сликички и украси за јајца кои се продаваат по различни цени. Како неизоставен дел од празникот се и Велигденските прекривки, кошнички и керамички украси со велигденски мотиви кои се нудат по најразлични цени во зависност од големината.

Е.М