Во рамки на овогодинешното издание на Струшките вечери на поезијата вечерва во 18:30 часот на плоштадот во Охрид пред споменикот на „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи поетско читање „Созвучја“. Љубителите на поезијата ќе може да слушнат дел од творештвото на поетите Висар Жити од Албанија, Филип Хамил – Австралија, Иван Христов – Бугарија и други поети кои се дел од СВП.

Според најавите, во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Поетски портрет на поетот-лауреат на „Златен венец на СВП 2015“, Беи Дао. Во рамки на овој дел од манифестацијата свој  настап ќе има харфистката Мерсиха Шукри.

Инаку во текот на дневната програма на Струшките вечери на поезијата денеска во Струга ќе се одржат два Симпозиуми „Изгубено/најдено во преводот“ со Влада Урошевиќ, Богомил Ѓузел, Кетрин Хедин, Виктор, Родригес Нуњес, Зоран Анчевски, а ќе се одржи и Портрет на Вера Чејковска, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2014 година.

Во недела на 30-ти август за учесниците ќе биде органиизран излет до манастирот „Св. Наум“ со брод, каде што ќе биде прогласена најдобрата песна посветена на виното In Vino Veritas. Во 20:30 на „Мостот на поезијата“, во Струга ќе се одржи меѓународно поетско читање „Мостови“ во чии рамки ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. Веднаш потоа ќе има и прогласување на добитникот на наградата „Енхалон“.

Во рамки на програмата на 31-ви август во текот на денот ќе се одржи Поетско матине во Манастирот „Св. Андреја“ во Матка, а 21:00 часот ќе се одржи Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост во Скопје.

OhridNews