Според програмата на овогодинешното издание на „Струшките вечери на позијата“, вечерва во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи Поетскиот портрет на поетот Ко Ун, кој годинава е добитник на Златениот венец на поезијата. Претходно пред црквата „Св. Јован Канео“ поетите ќе одржат Поетско читање.
Инаку во текот на денешниот ден во хотелот „Дрим“ во Струга ќе се одржи Портрет на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година Ристо Јачев и Портрет Хари Ман, кој е добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО за 2014 година. Исто така денеска ќе биде прогласен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2014 година и ќе се одржи Промоција на поетските книги од едицијата „Плејади“.
Утре на 24-ти август, во текот на попладневните часови ќе се прогласи најдобрата песна посветена на виното „Ин Вино Веритас“, а истата вечер ќе се одржи меѓународниот поетски митинг„Мостови“ на кој ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, а ќе биде соопштен и добитникот на наградата „Енхалон“.
Во понеделник на 25-ти август планирана е „Поезија на пат“ односно Поетски читања на учесниците на СВП во повеќе градови во Македонија. Манифестацијата завршува на 26-ти август во Скопје со Поетско матине во манастирот „Св. Андреја“ во Матка и Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост.