Кон поетската книга Ванчолики од  Веле Митаноски

Поетската книга Ванчолики од Веле Митаноски е апореоза на животот, љубовта, вистината, добрината, убавината… Составена е од 38 песни поделени во 4 циклуси и тоа: Лирика, Ангажирана, Посвети и За милите внучиња, ванчолики кокичиња.

Песните во оваа стихозбирка пишувани се ви различни периоди и на различни места, а заедничкиот и севкупен впечаток е дека авторот направил избор од своите творби и како да посакал да заокружи еден свој изминат пат, еден мисловен процес и творечки и креативен ракопис. Всушност, оваа книга е еден мал концизен и јадровит сублимат, сведоштво и запис, доказ и факт, порив и немир, обид и резултат!

Мислата и реченицата на Веле Митаноски е јасна и прецизна, говорот е реалистичен и конкретен, обраќањето директно и незаобиколно, а дискурсот е лирски и интимен.

Преовладува исповедниот тон, спомените, сеќавањата, а целата книга е во знакот и духот на вечноста на мигот, поточно таа е како поема и низа од неизбришливи, ретки, специфични, автентични и инспиративни мигови. На тој план и при тој потход и потфат – посебно радува и воодушевува авторовата самосвест и чувството за автозаглед, авторазглед и интроспекција.

Митаноски ја опева Езерската земја и топонимите: Галичица, Јабланица, Охрид, Плаошник и други нему познати и драги места. Тоа е неговиот топос и логос, кои се привлечни и за нас и стануваат наши.

Првиот циклус Лирика целиот е посветен на љубовта и во авторовото љубовно ковчеже се содржани љубовни напеви, треперења и светоста на љубовта. Ракатка од спомени и надежи, како еден вид духовно прочистување. Непорочна и бесконечна убавина, звуци и слики од дамнина, зачувани фрагменти…

Музата на Митаноски ја транспонира радоста на душата и телото и создава лијани од љубов, под стреата на љубовта, која е, како што потенцира авторот, најубавото посакување. Тоа е танцот на животот и смртта, поточно животот пред смртта, каде се отвораат и откриваат понорите на душите со незгаслив огин.

Во вториот циклус со Ангажирана поезија поетот манифестира неверојатна патриотска, татковинска, родољубива самосвест, проговарајќи остро и реско за бројните разочатувања и промашувања, односно за магловитите соништа за иднината, како што тој вели. На авторот му е доста од нарцисоидни самопофалби, на бродот без едра, со лажни пророци и политичка кома. Митаноски шеговито, но и мошне сериозно ги именува нештата, без лажни флоскули и извештачени фрази, нарекувајќи ги аџамии и арамии, барајќи ги постојано објективноста и правдата, патувајќи од вистинољубивоста до бесконечноста.

Митаноски воочува, забележува, регистрира, констатира, но и опоменува. Така, без видик и глава мудра, прескапа играчка е државата за да им се довери на деца. Авторот, исто така, ги бара вербата човечка, чојството и човештвото. Притоа, потсетува и на расеаните по светот, загрижен за иднината на родната земја, современиците и идните генерации.

Третиот циклус е со посвети и посветени песни. Обземен е со зборот и јазикот како последна татковина, повлекувајќи ги потезите на четката на староста, како чувар на домот и незаборавот. Митаноски го испива пехарот на страдањето, со грст радости и море од солзи. Тежок е крстот, страдањата и жртвите, а стремежот е кон најсветлото, најсветото и највозвишеното. Поетот е во потрага и на дофат на совршенството, постојано устремен кон животот со љубов и судба, болка и очај, срце и тага, лулка и гроб.

Во овој циклус централно место заземаат песните за Големата Мајка Неда и Григор Прличев.

Митаноски пророчки и егзактно констатира: може да не скршат, не и да не свиткаат, може да не уништат, не и да не победат. Заборавот е пострашен од смртта, сеќавањето смртта ја победува. Митаноски потсетува и на вкадеењето на Вирусот Балканикус.

Последниот, четврти циклус во книгата е за милите внучиња, ванчолики кокичиња, односно е исполнет со песни за деца – оптимистички, игриви, духовити. И во нив поетот се претставува како зрел, вешт и искусен автор.

А, земено во џелост, во оваа книга и со оваа книга – Веле Митаноски му издигнува споменик на Ванчо Николески, кого го инкорпорира и во насловот на книгата Ванчолики. Митаноски е познат и признат новинар и публицист, а сега се претставува и како писател со неверојатна моќ за интроспекција, вивисекција и автоанализа.

Митаноски сега се потврдува и како поет, кој има што да каже и напише и со право од него во иднина се очекуваат нови новинарски, публицистички и литературни остварувања, кои со својот квантитет и квалитет му обезбедуваат значајно, високо, посебно, централно и авторитетно место.

проф.д-р Христо Петрески