Во охридското село Велестово се одржа 19-та „Поетска ноќ“. Годинава манифестацијата беше посветена на творештвото на познатиот македонски поет, есеист и критичар, Ефтим Клетников.
За делата на Ефтим Клетников зборуваше Елизабета Шелева, која истакна дека Клетников е бележита појава во македонската литература. „Неговото творештво е полно со раскошни метафори кои чудесно прозвучуват во Велестово“, рече во своето обраќање Шелева.
Пистаелот Ефтим Клетников рече дека е почестен што е дел од манифестацијата. „Чест ми што сум во едно боженствено село, убаво и продуховено со духовна светлина што и покажува почит на поезијата“, рече Клетников.
Писателот Ефтим Клетников е роден во с. Негрево, во 1946. Дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје, Историја на книжевностите на Југославија со славистика, 1969. Студиски престој имал во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада. Поезија_ Модер вир, Зраци и самраци, Окото на Темниот, Песни за Огнен, Икра и крило, Гласови, Триок, Магновенија, Маж и жена со лице спроти ѕвездите, Прасјај, Троја. Поезија за деца_ Кула со златно ѕвоно,Златна рипка, Море во сонот, 88 песни за месечината, Сончеви песни. Есеи и критика_ Орион, Јатка, Во потрага по целината. Има изготвено неколку антологии на македонската поезија. Препејува од руски, француски, словенечки, српски, хрватски, словачки јазик. Уредник на весникот на Независни Писатели на Македонија, Наше писмо.
Во рамките на манифстацијата беше отворена и изложба на познатиот македонски уметник Газанфер Бајрам. кој најави дека за јубилјот догодина (дваесет години од постоењето) ѕидовите на чешмата во центарот на Велестово ќе ги оплемени со мозаик.
На уметничкиот опус на Газанфер Бајрам се осврна академик Луан Старова. Тој истакна дека “Мозаиците на Газанфер Бајрам, сместени во црквата во Велестово раскажуваат нова естетска приказна и отвараат нови творечки порти“. Заблагодарувајќи се уметникот Бајрам рече дека прекрасно се чувствува меѓу ѕвездите и оние што се набото и оние што ги прави човекот.
Инаку, со средства на локалната самоуправа во тек е и адаптација на старото основно училиште во Велестово каде ќе бидат изградени апартмани и изложбен салон каде ќе биде отворена постојана ликовна колонија. За таа од општинскиот буџет се издвоени 1,5 милиони денари.
Објектот ќе служи како ликовна колонија но и за образовни цели бидејќи таму ќе се изведува и настава во природа. Локалната самоуправа најави дека ќе ги реновира и останатите запуштени училишта во општината и дека ќе го уреди патот кон селото Велестово.
Г. Момироски