Велестово

Од 20.08.2021 - 21:00 до 22.08.2021 - 22:00

33. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ е посветено на поезијата на Ристо Лазаров и истото ќе се одржи од 20 до 22 август на повеќе локации во село Велестово и во Охрид.

Манифестацијата ќе биде отворена во петок на 20 август, во 21.00 часот во село Велестово со настап на гитаристот Мартин Милески од Охрид. За делото на Лазаров ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска.Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што ќе учествуваат на годинешната 54. летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура“ , велат од организацијата на „Поетска ноќ во Велестово“

Истата вечер во тремот на црквата „Успение на Св.Богородица“ во Велестово ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ од академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид. Отворањето на изложбата е од 22.00 часот. Со оваа изложба Славко и Никола Упевче прославуваат 30-годишнина од отворањето на нивното ателје во Охрид.

Во рамки на програмата на „Поетска ноќ во Велестово“ во сабота со почеток од 18:00 часот во кафе и бар „Шила“ ќе се одржи интернационално поетско читање на кое ќе настапат Надија Реброња од Србија и македонскиот поет Андреј Ал-Асади, а со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд.

Манифестацијата ќе биде затворена на 22.8 со читање поезија на кајчиња во Охридското Езеро. Темата на оваа вечер е „Поезија Залез“. Од езерото поезија ќе читаат Надија Реброња од Србија и домашните поети: Долорес Атанасова ‒ Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите и препораките на Владата и Министерството за здравство за заштита од Ковид-19, со намален број на посетители и на отворено.“ информираат организаторите.

ОhridNews