Големиот подвиг што ова лето го направи охридското чудо од дете Марко Пејчиновски, кој преплива десет различни делници на Охридското Езеро во должина од 250 километри кои ги комплетираше со деноноќното препливување од Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид во должина од 64 километри на празникот Успение на Пресвета Богородица, не остави никого рамнодушен. Ехото од овој несекојдневен успех на шеснаесетгодишниот Марко ќе одекнува долго низ вековите, а неговото име ќе биде запишано со златни букви во спортската историја.

Инспирирана од успехот на Марко, поетесата од Охрид Лидија Размоска му посвети песна која предизвика голем број позитивни коментари на социјалните мрежи. Со дозвола на авторката ја пренесуваме во целост:

Поглед вперен во сеќавањата.
Изгледаат како привид,
потопени во ладните извори на очите.
Тргнуваат на пат кон вечноста.
Како што ветрот ја засилува желбата,
така сонцето го обиколува светот
пред да ја огрее надежта.
Пустината се чини како мудрост
со сета прегрмена стварност…
Животот не е права линија.

Затоа, и кога ветрот го менува правецот,
едрата можат да те однесат
до твојата цел.
Прилагоди ги, а на ветрот
биди му благодарен што те научил
да се бориш за тоа што го сакаш, оти
најубавите работи во животот
не се случуваат бесплатно, а
лошите работи секогаш нѐ учат
да бидеме силни личности!

Лидија Размоска Тримовска

Со посвета на храбриот Марко Пејчиноски и благодарност за неговата заложба да преплива 64 километри во Охридско езеро, со што покажува дека борбата е верен придружник на големата и искрена желба за нејзино остварување. Честитки, Марко! – напиша под посветата авторката Лидија Размоска Тримовска.

Г.М.